Рускиот постојан претставник во ОН Василиј Небензија изјави дека Русија не го поддржува предлогот за создавање демилитаризирана зона околу нуклеарната централа Запорожје.
– Демилитаризацијата на нуклеарната централа може да ја направи ранлива за оние кои сакаат да ја посетат. Никој не знае кои ќе бидат нивните цели – изјави Небензија.
Претходно, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, повика на повлекување на воениот персонал и опрема од централата и инсистираше на избегнување воена акција во близина на централата.
Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нема ризик за безбедноста на нуклеарната централа „Запорожје“ и покрај континуираното гранатирање на што е подложена, јави ДПА.
Само неколку часа пред состанокот на Советот за безбедност на Обединетите Нации (ОН) во Њујорк, свикан по барање на Русија, нуклеарната централа „Запорожје“ во јужна Украина, најголемата во Европа и меѓу најголемите во светот, беше нападната со тешка артилерија и ракетни фрлачи, како што соопшти претставник на руските окупациски власти.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси ги повика Москва и Киев да им овозможат на меѓународните експерти пристап до централата што е можно поскоро.
– Јас лично сум подготвен да водам таква мисија, истакна тој, додавајќи оти „нема време“.
Сојузниците на Украина нагласија дека таквата мисија е неопходна и ја истакнаа одговорноста на Русија пред Советот за безбедност.
Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија ја префрли вината на Киев и неговите сојузници.
– Нуклеарната централа е цивилен објект. Поради тоа, Русија го чува овој објект, за да не се дозволи да му биде нанесена штета, затоа што ги знаеме последиците и предупредивме за можните последици, доколку ударите врз централата еден ден предизвикаат истекување на радиоактивни материјали – додаде рускиот претставник.
Украинскиот амбасадор во ОН, Сергеј Кислица одговори дека „Русите се познати по нивните разработени планови за лаги, саботажа и прикривање, како овој, што го гледаме денеска“.
Според него, „колку поскоро ја запреме Русија, толку побрзо Европа и светот ќе се почувствуваат безбедни повторно“.
Русија ги обвини и агенциите на ОН за попречување на мисијата на МААЕ, но портпаролот на генералниот секретар Антонио Гутереш – го отфрли тоа.