Јужна Кореја е сензационален победник на светскиот шампионат за ракометарки до 18 години кој се играше во Скопје, откако во денешното големо финале Корејките ја совладаа и селекцијата на Данска со резултат 31-28.
Иако Кореја не беше меѓу фаворитите во пресрет на шампионатот, оваа азиска репрезентација покажа извонреден ракомет и беспрекорен брз напад. Во групната фаза Корејките беа подобри од Германија, Словачка и Швајцарија, во четвртфиналето ја елиминираа Шведска, Унгарија во полуфиналето, а денеска во мечот за титулата ја надиграа Данска.
Претходно, со бронзен медал се закити селекцијата на Унгарија, која се врати од „минус четири“ во второто полувреме и со пенал во последните секунди славеше со 27-26 над Холандија.