Шахистките на Македонија на дуелот со Турција

Со оглед на здравствениот статус на играчите, кој е секој ден променлив поради стомачен вирус и температура, составот и играта во овој дел не ни се во прв план. Најбитно е тимот да закрепне и во вториот дел да направиме напори и да се покажеме во најдобро светло, вели селекторот на машката селекција Недев. „Почнавме со здравствени проблеми што ги тиштат некои од репрезентативките. Не станува збор за ковид, туку за стомачен вирус, направени се тестови и тие се во ред“, вели селекторот на женската селекција Андоновски

ПО ЧЕТИРИ КОЛА НА ШАХОВСКАТА ОЛИМПИЈАДА

Македонските репрезентации продолжуваат да играат во стилот „топло-студено“ на 44. Шаховската олимпијада (ШО) во Ченаи (Индија). Машката, рангирана 61. пред почетокот (просечен рејтинг 2.389) меѓу 187 селекции, по четири кола (по две победи и порази) е на 89-то место, со четири бода (7,5 по табли). И шахистките, рангирани 71. (1.863) меѓу 161 репрезентација, имаат по две победи и порази, а се на 103-то место, со четири бода (седум по табли). Мажите ги победија Бермуда (4-0) и Шри Ланка (3-1), а загубија од Франција (0-4) и од Чешка (1-3). Девојките славеа над Габон (4-0) и над Етиопија (3-1), а беа поразени од Индонезија (0-4) и од Турција (1-3). Се играат 11 кола. Вчера мажите играа со Велс (рангиран 96-ти), а девојките со Тајланд (104-ти).
Македонските селекции имаат и здравствени проблеми предизвикани од промена на климата и исхраната.
– Почнавме со здравствени проблеми што ги тиштат некои од репрезентативките. Не станува збор за ковид, туку за стомачен вирус, направени се тестови и тие се во ред. Прво Леа Ефтовска мораше да отсуствува во две кола, а сега е принудена да паузира и нашата челна табла Моника Стојковска. Досега највпечатлива игра прикажа Ивана Манова, но добро се справуваат и дебитантките Ефтовска и најмладата, 14-годишната Моника Жежовска. Атмосферата во репрезентацијата е одлична, добро се работи, а односите меѓу репрезентативките се на завидно ниво. Особено импресионира секретарката на УО на ШФМ, Александра Гакидова, со брзината и точноста, со преписката со организаторот и со сите учесници тука за точно и навремено обезбедување на многубројните документи од секаков вид што ни се полезни. ШФМ, исто така, успешно ги заврши своите задачи, па на долгиот пат заминавме мирно и спокојно – вели селекторот на женската репрезентација Љубиша Андоновски.
Со по осум бода, по четири кола, во машка конкуренција водат Индија (2), Ерменија, Израел, Англија и Шпанија, а кај шахистките Азербејџан, Полска, Украина, Индија, Франција, Индија (2), Грузија и Романија.

– Со оглед на здравствениот статус на играчите, кој е секој ден променлив поради стомачен вирус и температура, составот и играта во овој дел не ни се во прв план. Најбитно е тимот да закрепне и во вториот дел да направиме напори и да се покажеме во најдобро светло. Сите од репрезентацијата пиеме лекарства. Стомачен вирус прво имаше Емил Ристески, па Андреј Велјаноски, а вчера малку и јас, мислам дека е мала настинка предизвикана повеќе од замор, но сега сум добро. Но слушам дека и други репрезентации се жалат на истото тоа. Еден час пред партијата тргнуваме и патуваме 30 минути со комбе до салата за играње. И така секој ден, хотел-сала-хотел. Надвор од хотелот не можеш без полициска придружба – ни изјави селекторот на машката репрезентација Трајко Недев.
Недев се осврна и на мечот со Чешка, кој смета дека требало да заврши 2-2.
– Со Чешка имавме добар меч. Николовски имаше победа во неколку наврати, но поради недостиг од време за размислување не го виде патот до победата. Дебитантот Велјаноски одигра добра партија, но пропушти добра позиција. Ристески решаваше одредени проблеми, но имаше одржлива позиција, која, за жал, не успеа да ја одржи докрај. Станојоски докрај борбено, во негов стил, ремизира со искусниот и силен ВМ Давид Навара – рече Недев. Г.И.


Најдобар почеток во Блед и во Москва

Македонската машка репрезентација најдобри пласмани по четири кола оствари на Шаховската олимпијада (ШО) во Блед во 2002 година, кога беше на 19-то место, со пет бода (10,5 поени по табли), во 2018-та во Батуми на 20-то место, со шест бода (13 по табли), и во Истанбул во 2012-та на 26-то место, со шест бода (11,5 по табли). Најслабиот е сега во Ченаи, а три места погоре беше на ШО 2008 во Дрезден, кога се најде на 86-то место, со два бода (седум по табли). Шахистките најдобриот пласман по четири кола го имаа во Москва во 1994 година, кога беа 25-ти, со пет бода (7,5 по табли, играјќи на три табли), а најслаб во Батуми, кога беа на 110-то место, со два бода (осум по табли).