Илија Тирицовски, продуцент
Во рамките на петтото издание на „Бич филм фестивал“ во Охрид се одржа работилница за филмска опрема, со цел да се споделат праксите околу користењето на филмската опрема. Работилницата ја одржа Илија Тирицовски, кој долги години е дел од продукцискиот тим во ОХО и стои зад голем број ТВ-проекти како што се „Преспав“ и „5 Плус“, но исто така работи како продуцент на повеќе кратки, анимирани, документарни и играни филмови.
Што сѐ можеше да се научи на работилницата?
– „Бич филм фестивал“ е млад фестивал по години, но и по духот, отвора простор за презентација на младите европски филмски автори и полека станува место каде што отворено се дискутираат и споделуваат новите и современи филмски пракси. Годинава, од креативниот тим на фестивалот добив покана да модерирам една дискусија и работилница, со фокус на филмската опрема. Честопати сме дискутирале низ годиниве, но и искуствата покажуваат дека во подготовките на секој нов филмски или ТВ-проект посебно внимание се посветува околу конципирањето на филмската опрема, која е соодветна за продукција на тој проект, а треба да дава креативни опции, но и техничка поддршка за реализација на сето она што сценаристите и режисерите го напишале и замислиле. Притоа, се земаат предвид сите услови и фактори што може да влијаат на финалниот производ: временски, човечки, финансиски итн. Во тој процес најчесто се вклучени режисерот, кинематограферот и продуцентот. Кога зборуваме за филмска опрема се мисли на камери, светло и дополнителна филмска техника и технологија што се користат во снимањето.
Колку публиката е заинтересирана за начинот на снимањето на филмовите и опремата што се користи?
– Со оглед на тоа што фестивалот се фокусира кон помладата филмска публика, си дадовме за задача да подготвиме концепт со кој ќе може да споделиме искуства, пред сѐ за помладите колеги сниматели, режисери и продуценти, кои се предизвиците со кои се соочуваме при подготовка на снимањето и изборот на филмската техника. Но имаме предвид дека фестивалот го следат и посветени љубители на филмот, па ваквите средби им се можност каде што можат да ги прошират рамките на својата филмска љубопитност. Со оглед на тоа што во денешно време многу често филмските автори сакаат да споделуваат информации околу нивната работа и процесите низ кои поминуваат, публиката има познавања од тоа што се случува во светот на филмот. А токму фестивалите се места каде што може одблиску да се чуе за искуствата во нашето опкружување.
На кој начин функционира кај нас обезбедувањето филмска опрема?
– Нашата кинематографија е мала, со многу мал број филмови што се продуцираат годишно, со релативно мал број луѓе што професионално работат во овој сектор од културата. Соодветно на тоа и филмската опрема што опслужува повеќе продукции е со ограничени капацитети. Но не поради тоа што е невозможно да се донесат последните трендови од технологијата и техниката, туку поради тоа што тоа е мошне скапа инвестиција во која треба да вложат компаниите за изнајмување или продукциите, а сето тоа да има и економска логика. Затоа, многу често, посебно за поголеми филмски проекти се вклучуваат продукции и компании надвор од земјава, што само по себе дава и една друга креативна и бизнис-димензија, во смисла на размена на идеи и искуства, копродукции на повеќе земји во филмскиот проект, поголема видливост на филмот итн. Токму поради тоа, комуникацијата и соработките со нашите колеги од поголемите и попродуктивни кинематографии, најчесто во регионот, се од многу големо значење за држење чекор со современите продукциски текови.
Наспроти поголемите филмски продукции, отсекогаш постоела одредена т.н. независна филмска сцена, најчесто млади филмски автори, вљубеници и ентузијасти, кои во рамките на возможното ги предизвикувале филмските трендови, многу често поместувајќи ги границите на филмската естетика. Соодветно и денес, дури и многу почесто и повеќе, благодарение на современата техника, која е достапна и за поединци, голем број филмски автори успеваат да го најдат својот израз со многу мала филмска екипа, со скромни буџети, а сепак крајниот производ да привлече големо внимание кај селекторите на филмските фестивали и, секако, кај публиката. За голема среќа и кај нас постојат вакви автори.