Англија е полуфиналист од СП 2017 и од ЕП 2019, Шведска има бронза од СП 2019 и сребро од ЛОИ 2020, Германија е осумкратен европски првак, а Франција е дебитант меѓу четирите најдобри на ЕП

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Полуфиналето на Европското првенство (ЕП) за фудбалерки ќе почне утре, кога домаќинот Англија ќе се сретне со Шведска, а Германија ќе игра со Франција, 24 часа подоцна. Сите четири селекции беа први во своите групи во првата фаза од натпреварувањето.
Обидот на Англија да стане само петтата репрезентација што ја освои титулата на ЕП за жени продолжува со мечот со шампионот од 1984 година, селекцијата на Шведска. Англичанките дојдоа до полуфиналето преку тешкиот дуел со Шпанија во четврт-финалето, а Шведска, која сака да оди еден чекор понапред од бронзата на Светското првенство во 2019 година и среброто на Летните олимписки игри лани во Токио, сигурно ќе обезбеди уште еден таков дуел, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Долгоочекуваното деби на Франција во полуфиналето ќе се случи на средбата со реномираната германска репрезентација, која стигна до оваа фаза по рекорден десетти пат. Во осум од претходните девет наврати кога Германија стигна до полуфинале потоа го освои трофејот, а во полуфиналето влегуваат со четири победи од четири меча досега, без примен гол, пишува УЕФА.
Финалето на ЕП 2022 треба да се игра на стадионот „Вембли“ во Лондон, в недела.