Домашните и странските експерти посочуваат на нееднаквиот третман на Европската комисија при прием на нови членки, а се наведува и преседанот со Македонија, за која првпат во историјата на ЕУ почетокот на преговорите за зачленување се одвива во „меѓуфази“. Потпишаниот протокол за Македонија изобилува со рокови и задачи што се во директен условен однос со чекорењето кон ЕУ. Ноторен факт е дека преговорите не можат докрај да се отворат, пред да се смени македонскиот устав
Европската Унија го прави процесот за прием на нови членки сѐ посложен
Процесот за преговори за зачленување нови земји во Европската Унија станува сѐ подолг и посложен. Правилата што се поставуваат од ЕУ за секоја нова земја-преговарач го нарушија принципот на кредибилитет, се наведува во извештаите на Европската иницијатива за стабилност од Берлин. Се анализира неефикасноста на политиката за проширување, која се базира на некакви дискрециски процени на Европската комисија.
И пролонгирањето навременските рокови,
показател дека процесот на пристапот кон ЕУ е сѐ подолг
Во анализата се даваат споредбени показатели за времетраењето на пристапните преговори за земјите од Западен Балкан и за другите земји од регионот и од северна Европа. Преговорите со Литванија, Летонија и Словачка траеле 34 месеци, а со Естонија, Полска и со Словенија 56 месеци. Европската комисија со Бугарија и со Романија преговарала 58 месеци, но преговорите биле почнати иако двете земји биле далеку од пропишаните европски стандарди за правосудниот систем. Рекордот од земјите што сега се членки во ЕУ го држи Хрватска, со период од преговори од 68 месеци. Но затоа, целиот процес најмладата членка во Унијата го завршила за десет години: во 2003 година ја доставува кандидатурата, во 2004 е прифатена како земја-кандидат, преговорите ги водела од 2005 до 2011 и полноправно пристапува во европската заедница во 2013 година.
За споредба, Србија веќе 101 месец е во фазата на пристапни преговори и има затворено само две поглавја! Црна Гора преговара 120 месеци и привремено затворила три поглавја. Преговорите со Турција не се затворени, но службено се водат како замрзнати.
Македонија, која по 17 години поминати во чекалницата на ЕУ, од вчера ја одржа и првата меѓувладина конференција, што е симболичен почеток на скрнинг-процесот. Но за официјалните отворања на преговорите ќе се чека на втората меѓувладина конференција, а условот за добивање позитивен одговор е исполнување на обврската за промена на Уставот и внесеување на бугарското малцинство во Македонија! За нееднаквиот третман во пристапните преговори, во анализата се наведува податокот дека Европската комисија дала подобри оцени за нашата земја за 23. и 33. поглавје и е во подобра позиција од, на пример, Црна Гора, која преговара една деценија.
„Црна Гора и Србија пред многу години ги отвориле централните преговарачки поглавја за правосудството и темелните права. Но Македонија и Албанија, кои не почнале со преговорите, во исполнувањето на овие критериуми се на нивото на Црна Гора и подобри во однос на Србија“, се вели во анализата, во која се посочува и на непостоењето гаранции за пристап доколку некои од поглавјата бидат исполнети, што влијае дестимулативно за земјите од Западен Балкан за применување на реформите.
Нееднаков однос на ЕУ за примената на
критериумите за почеток на преговорите
За нееднаквиот однос за примената на критериумите за почеток на преговорите, во изминатиот период посочуваше и поранешниот министер за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, кој во својата последна колумна нагласува дека „првиот успех, според Владата, преговорите да почнат сега, е обичен фолклор, шанса за слики и видеоклипови за да им се помогне политички дома“.
– Владата ќе каже „ги отворивме преговорите“ и тоа нема да биде точно. Ако биде искрена, ќе каже „почнавме да ги отвораме преговорите“. За жал, вакво отворање на процесот во два чекора се случува за првпат во историјата на ЕУ – напиша Димитров. Тој појаснува дека „преговорите не можат докрај да се отворат пред да се смени Уставот.
За Димитров, историските прашања, пак, не само што се суштински дел од пристапниот процес кон ЕУ токму според францускиот предлог, туку сега и потпишаниот протокол изобилува со рокови и задачи што се во директен условен однос со чекорењето кон ЕУ.
– На пример, имаме мерки што треба да бидат преземени пред меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори. Јасно, Бугарија ќе блокира ако овие мерки не се исполнат. Има и мерки за понатаму, по втората меѓувладина – смета Никола Димитров.
Меѓувладината конференција претставува само една фотосесија, бидејќи вистинскиот почеток на преговорите ќе биде по завршување на скрининг-процесот, а сега Софија веќе го доби клучот да ги отвора вратите за Македонија, смета Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор на Македонија во Бугарија
– Неизвесно е кога ќе се случи толку очекуваниот почеток на преговори и не може да се определи кога ќе се случи. Втората меѓувладина седница е условена со промената на Уставот, а за тоа е потребно двотретинско мнозинство, што е неизвесно кога може да се обезбеди, преговорите ќе бидат во ќор-сокак – вели Ѓорчев.
Во наредниот период, според него, ќе се јавуваат проблеми во работата на мешаната историска комисија, која треба да достави програма, како и решенија за одредени спорови за историските настани, како и за историските личности.