Пролонгираниот конфликт во Украина, без јасен победник, моментно претставува најголем ризик, додека Западот не треба му овозможи на рускиот претседател Владимир Путин можност за „излез“, истакна поранешниот дански премиер Андерс Фог Расмусен, кој беше и генерален секретар на НАТО во периодот од 2009 до 2014 година, во разговорот за американскиот магазин „Атлантик“.
– Најголемиот ризик сега е пролонгираниот конфликт без јасен победник, бидејќи тоа служи на целта на Путин. Долг, тлеечки, полузамрзнат конфликт служи на неговата цел за дестабилизација на Украина. Тој знае дека ако руските трупи останат во Украина, ќе биде тешко за Киев да ја почне обновата. Тој знае дека ќе биде тешко да се интегрира Украина во НАТО се додека руските трупи останат на украинска територија. Затоа мораме да сториме се што можеме за да го доведеме овој конфликт до брз крај преку испорака на оружјето што им е потребно на Украинците, без рестрикции. Украинскиот народ има волја да се бори, ние имаме обврска да го снабдиме со средствата што му се потребни – порача Расмусен.
Тој се спротивстави на можноста Западот да му даде на Путин, како што истакна францускиот претседател Емануел Макрон, „излезен пат“ од конфликтот во Украина.
– Изјавата на Макрон е катастрофална бидејќи сугерира дека се доближуваме до нов светски поредок каде што не е важно владеењето на правото, туку владеењето на најсилниот. Не треба да му нудиме излезен пат на Путин. Треба да му испратиме нова порака: Ако сакаш да излезеш од овој неред, тогаш оди си од Украина. Моја долгорочна визија е да основам заеднички пазар на демократии, бидејќи светските демократии застапуваат речиси 60 отсто од глобалната економија. Тоа е значителна сила ако се обединиме. Произлегува нов светски поредок што ќе вклучува помала интеракција помеѓу автократиите и демократиите. Глобализацијата влегува во нова фаза – објаснува поранешниот генерален секретар на НАТО.
Расмусен договори и заедничка соработка со украинскиот претседател Владимир Зеленски, при неговата неодамнешна посета на Украина.
– Бев во Киев бидејќи Зеленски пред неколку недели побара да претседавам со меѓународна група оформена за подготвување на предлози до него и до украинската влада на тоа како во иднина можат да ги гарантираат безбедноста, независноста и територијалниот интегритет на Украина. Имавме одличен состанок и тој ги посочи неговите идеи кои имам намера да ги финализирам во септември. Прерано е да се зборува за исходот од проектот, но веќе е јасен еден важен елемент. Сите членови на групата се согласија дека на Украина треба да и биде дозволено да има јаки безбедносни сили, без рестрикции и ограничувања. Видовме дека Русија се обидува да диктира услови под кои Украина би можела да има сопствена војска. Нема шанси. Најдобрата безбедносна гаранција за Украина е да има силна војска и определба меѓу нејзините сојузници да асистираат за нејзино создавање – заклучува Расмусен.