Вчера во собраниската сала беше избегнат инцидент откако откако пратениците Димитар Апасиев од Левица и Мартин Костовски од СДСМ почнаа да се туркаат во салата. До физичка пресметка не дојде потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми, како што се гледа на снимката што ја објави „Алсат“, ги раздвојуваат двајцата пратеници. Но расправијата продолжи на Фејсбук.
Апасиев претходно му кажа на претседателот на Собранието, Талат Џафери да не му мафта со прстот, а Џафери му рече дека тој прв му мафтал и дека може да му биде искршен.
– Претседателе, прв и последен пат да ви биде со прст да ме карате зашто не сум ви дојден дома. Вие сте тука прв меѓу еднаквите и како таков не треба да го узурпирате столчето на кое седите. Ако имате реплика кон некој пратеник, ќе си земете реплика, ќе кликнете на копчето, ќе си дојдете тука или можете од место. Така е процедурата. Не можете вие со фусноти да дофрлате на секој пратеник. Почитувајте го деловникот затоа што вие сте најзаслужен – рече Апасиев.
Џафери побара да му биде изгасат микрофонот на Апасиев.
– А кој си па ти да ми покажеш прст. Ајде збори што имаш да збориш и не ми мавтај мене тука. Имаш збор, збори што имаш да кажеш и не мавтај со рака – одговори Џафери.
Апасиев уште еднаш му повтори дека тоа треба да биде прв и последен пат како Џафери мавтал со прст и ја напушти говорницата.
– Не мавтај со прст оти може да ти биде скршен тој прст- му одговори Џафери.
Апасиев на Фејсбук-профилот напиша: „Со сељаците-сељачки, со интелектуалците-интелектуално“.
Костовски пак напиша: „Да се контролираш во даден момент од пцовки и навреди од ‘невротичниот’ колега е одлика на здрав ум. Безброј навреди, колнења и закани можеби може да ги реши еден нокаут, но тоа на улица не во храмот на демократијата. Лудилото ќе се заборави, ама рационалноста народот ќе ја памети. Соочен со целосен распад и неуспех на сценаријата за насилно стопирање на европската иднина на државата, на Апасиев не му преостана ништо друго освен да ги пренесе тензиите во Собранието.
Свесен дека не му поминуваат лагите за бугаризација и асимилација на Македонците, не му преостана ништо друго освен да се заканува со физичко насилство.
Агресијата на Апасиев кон мене, е само изблик на неговата немоќ, и ништо повеќе од тоа. Впрочем, насилничкото однесување на Апасиев, не е ништо ново ниту за нас пратениците, ниту за граѓаните.Тоа е истиот оној Апасиев кој се закануваше дека ќе стрелал луѓе, кој секојдневни се заканува, клевети, шири говор на омраза. Но, ниту тој, ниту тие за кои ги одработува овие антидржавни сценарија, нема да успеат да ни застанат на патот на европската идна на државата.
Влегуваме во ЕУ како Македонци, со признат македонски јазик нез никакви фусноти и додавки, со чист македонски идентитет.“