Владата оваа година ќе се задолжи за 150 милиони евра повеќе од претходно планираното, предвидува ребалансот на буџетот за 2022 година. Сепак, клучното прашање што се поставува е дали ребалансот на буџетот е соодветно скроен за излез од кризите во кои се наоѓа државата. Стручната јавност и експертите имаат интересни мислења во однос на ова прашање
Расправата за ребалансот на буџетот започна во понеделникот пред пратениците во Собранието и ќе трае најмногу пет работни дена. Јавноста е со поделени мислења, дел од нив велат дека буџетот ќе даде одговор на кризите во кои се наоѓа земјава, дека сето ова е неопходно за да ја извлече економијата од криза и уверуваат дека пари ќе има за сите, за социјално загрозените категории, компании, пензии, минимална плата, а други, пак, упатуваат остри критики за тоа каде сѐ ќе завршат парите. Сметаат дека се троши непродуктивно и дека земјава е на раб на сиромаштија, велат дека има сѐ повеќе нови задолжувања, а парите од ребалансот нема да завршат кај оние што им е најпотребно и дека овој ребаланс нема да биде одговор на последиците од глобалните кризи. Се поставува прашањето дали ребалансот е соодветно скроен за излез од кризата?
Инфлацијата годинава е предвидено да надмине 7 отсто од БДП. Владата годинава ќе се задолжи за речиси 700 милиони евра за да може да ги покрие буџетските трошоци. Во исто време, капиталните инвестиции се кратат за 100 милиони евра. А, пак, се предвидува јавниот долг да достигне рекордни 65 отсто од БДП.
Владата оваа година ќе се задолжи за 150 милиони евра повеќе од претходно планираното, предвидува ребалансот на буџетот за 2022 година, за кој пратениците ја почнаа расправата на пленарна седница. Според првичниот буџет беше планирано задолжувањето да биде 545 милиони евра, но сега се предвидува буџетската дупка да се прошири на 695 милиони евра, односно 5,3 проценти од БДП. Планирано е 70 отсто од ова задолжување да се направи во странство.
Според институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, ребалансот на буџетот е одговор на кризата, но потребна е поголема консолидација на тековните трошења за да не влијае проинфлаторно и оттаму апелираат потребата од средства во овој буџет да се задоволи доминантно од странски извори, со цел поголема поддршка на девизните резерви, примарно од концесионални кредитори.
– Ребалансот на буџетот предвидува пораст на расходите за плати за 1,7 отсто на стоките и услугите за 11,4 отсто и на блок-дотациите (кои содржат исплати на плати на општинско ниво) за 4,7 отсто, во однос на иницијалната проекција, а во однос на реализацијата од 2021 г. порастот е уште поголем. Овие зголемувања, особено во делот на стоките и услугите, не ја одразуваат (или ја затскриваат) објавената намера за кратење непотребни и непродуктивни расходи, и расходи што може да се одложат, иако дел од зголемувањето е наменето за покривање на енергетските трошоци во јавниот сектор. Сепак, особено загрижувачки е порастот на расходите за субвенции и трансфери во износ од 40,5 отсто во однос на иницијалната проекција, од што значаен дел се оправдува со субвенционирањето на енергетската потрошувачка. Но најголем дел од субвенциите остануваат недоволно насочени и не отстрануваат структурни слабости, вклучувајќи и поддршка на забрзана зелена транзиција – укажуваат од „Фајненс тинк“.
Според универзитетскиот професор Зоран Ивановски, со буџетот јасно се декларира дека ќе има средства само за најранливите категории.
– Во изминатите години како резултат на пандемијата се зголемија задолжувањето и трошењето на буџетот, сѐ со цел да се ублажат последиците на пандемијата врз економијата, да се зачуваат работните места, малите бизниси, компаниите, меѓутоа јасно е дека се истроши фискалниот простор и не гледам веќе можности буџетот да го прави истото тоа. Од друга страна, пак, задолжувањето стана поскапо, а и нивото на јавниот долг не дозволува поголем и позначаен раст. И сметам дека треба да се премине на штедење, бидејќи оној амбициозен потфат за поголемо задолжување ќе нѐ однесе во друга крајност на драматичен пораст на јавниот долг со што во под прашање би се довела и фискалната одржливост на нашата земја – укажува Ивановски.
Како што вели тој, парите од буџетот ќе бидат наменски лоцирани за оние категории што најмногу ќе им треба, а кај другите категории граѓани би требало да се смислува во правец на стимулирање на приватните и странските инвестиции, сѐ со цел да се зголеми побарувачката на работна сила, а со тоа барем до некаде да се зголемат и платите за да можат полесно да го носат товарот на зголемените трошоци.
– Со последната фискална стратегија за следните три години гледаме дека износот на долгот ќе надмине 64 отсто од БДП и ова е веќе максимална стапка над лимитот од 60 отсто, така што следејќи ја стратегијата би сакал да останам оптимист и да верувам дека таа ќе се реализира. Сметам дека нивото на јавниот долг е толку сериозно што на оваа стратегија мора да се остане и не смее да се оди на натамошно зголемување на буџетскиот дефицит. Излезот од кризата не може да биде лесен и мора да се базира на реални фундаменти, а тоа е пред сѐ намалување на буџетските расходи, особено во делот на платите за јавната администрација, поради тоа што тие растат, очигледно е дека бројката на вработени ќе мора да се намалува бидејќи тешко е да се очекува дека приватниот сектор ќе може во вакви услови да носи толку голем државен апарат – напоменува Ивановски.
Тој додава дека ова се тешки политички мерки, но во вакви услови популизмот не доаѓа предвид и треба да се преземаат и похрабри мерки.