ФУДБАЛ – НА ЕП 2022

Англија во победата над Норвешка со 8-0 го собори и рекордот за најголемо водство на полувреме во историјата на ЕП
Рекорд по рекорд на Европското првенство (ЕП) за фудбалерки во Англија, од бројот на гледачи на трибините на стадионите, па до бројот на постигнати голови на мечевите. Во второто коло во групата А, Англија ја победи Норвешка со 8-0, што е најголемата победа некогаш забележана на ЕП, за жени и за мажи.
На Англичанките им беа потребни 45 минути за да постигнат шест гола. Тие го соборија и рекордот за најголемо водство на полувреме во историјата на ЕП, по само еден ден откако Франција ја совлада Италија со 5-0. На мечот во Брајтон имаше 28.847 гледачи што, пак, е четврта најголема посетеност на натпревар на ЕП за жени. Три гола постигна Бет Мид (26), која го постигна и единствениот гол за Англија на премиерниот меч против Австрија.
– Хет-триковите не се нешто за кое некогаш посебно сум размислувала. Навистина сум горда што се најдов во таква позиција, но уште погорда и посреќна од постигнатите голови ме прави тоа што му помагам на тимот да освојува бодови – изјави Мид.
За Норвешка, поранешните европски, светски и олимписки шампионки, моментно 11-та селекција на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (Англија е осма), со најтешкиот пораз во историјата заврши серијата од седум победи по ред. Англија, која со двете победи веќе е во нокаут-фазата, в петок игра со Северна Ирска, а Норвешка и Австрија ќе играат за второто место во групата. Л.Д.