Одлуката на Илон Маск да се повлече од договорот за купување на компанијата „Твитер“ што беше предвидено да вреди 44 милијарди долари, се чини дека претставува и удар врз надежите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и на неговите поддржувачи дека социјалната мрежа ќе ги ублажи рестрикциите за содржината, поради кои конзервативците се незадоволни, пишува „Политико“.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп имаше остри зборови за најбогатиот човек на светот и извршен директор на компанијата „Тесла“, обвинувајќи го за непостојаност, на вчерашниот митинг во американската сојузна држава Алјаска, пренесува „Блумберг“. Трамп го оквалификува и како „расипан“ договорот на Маск за купување на „Твитер“, од кој милијардерот најави повлекување.
Поранешниот американски претседател се осврна и на неодамнешниот коментар на Маск кој тврдеше дека никогаш не гласал за републиканците. Трамп истакна дека станува збор за противречност во однос на тоа што Маск му го кажал претходно, во врска со гласањето.
Коментарите на Трамп уследија откако Маск навести и наклонетост кон актуелниот гувернер на Флорида, Рон Десантис, кој е фаворизиран за да биде кандидат на Републиканската партија на претседателските избори во 2024 година. Десантис важи за најсилен конкурент на Трамп за републиканската номинација, а влијанието на Маск би можело да ја направи значителна неговата поддршка.
Маск во неодамнешно интервју за „Блумберг“ истакна дека уште е неодлучен во однос на претседателски избори, но истакна дека ќе даде 20 до 25 милиони долари за поддршка на еден од кандидатите.
Трамп ги повика присутните на митингот да се придружат и на неговата т.н. „социјална мрежа за вистина“, која наликува на моделот на Твитер.
Повлекувањето на Маск од зделката поттикна и напади врз менаџментот на „Твитер“, вклучувајќи ги оние од Доналд Трамп помладиот, синот на поранешниот американски претседател, кој кажа дека „Твитер“ покажува оти цензурата ќе опстане.
– Речиси можам да гарантирам дека каква и да беше цензурата досега, таа сега ќе се врати десет пати посилна. Не постојат шанси за слободната мисла и говор во овој миг – објави Трамп помладиот на т.н. „Социјална мрежа за вистина“, чие основање е поддржано од неговиот татко.
Маск во повеќе наврати уверуваше дека ќе ги отстрани речиси сите рестрикции за содржината што ја објавуваат корисниците на Твитер, обвинувајќи ги водечките луѓе на компанијата дека го блокираат слободниот говор. Тој исто така вети дека повторно ќе ја отвори платформата за Трамп, кој доби забрана од Твитер, поради поттикнувањето на неговите поддржувачи при упадот во американскиот Конгрес на 6 јануари.