На вчерашните протести пред Владата биле повредени четворица полицијаци а било запалено и знамето на ЕУ, соопшти полицијата.
– Вчера во СВР Скопје било пријавено дека во врска со ненајавениот јавен собир, кој се одржал во период од 19 до 22.10 часот во Скопје биле констатирани неколку нарушувања на јавниот ред и мир. Така, околу 16.50 часот, пред Владата неколку лица го запалиле знамето на Европската Унија. Околу 19.35 часот дел од учесниците на протестот го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање на разни предмети и пиротехнички средства кон објектот на Владата, а дел од нив ја оштетиле и уништиле заштитната ограда. Околу 20.30 часот дел од учесниците на протестот се упатиле кон зградата на Собранието каде фрлале со тврди предмети кон зградата на Собранието и кон полицискиот кордон, при што биле повредени четири полициски службеници кои биле пренесени во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош. Во 1.33 часот по полноќ било пријавено дека околу 00.20 часот е забележано оштетување на еден прозорец од објектот на Владата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – се наведува во соопштението на МВР.