Од утре до 3 јули на Осломејско Езеро ќе се одржи натпреварот од третото коло во рамките на Крапска лига на Македонија, чиј организатор е Риболовната федерација .Ова е првпат Риболовната федерација на Македонија да организира натпревар на оваа езерска акумулација.
– Од утре до недела на Осломејско Езеро ќе се одржи третиот натпревар во рамките на Крапската лига чиј организатор е Риболовната федерација на Македонија. Петнаесет домашни екипи ќе бидат вклучени во овој натпревар кој ќе трае полни 72 часа. За да протекне натпреварот според сите критериуми неопходни за вакви натпреварувања, обезбедени се соодветни локации на кои ќе бидат сместени екипите, а надвор од овие сегменти во текот на трите дена ќе можат да присуствуваат и љубители на риболовот од градот и опкружувањето. За време на натпреварот не е дозволено да се одвива било каков риболов од страна на посетителите. Целосно е саниран патот до Осломејското Езеро и сметаме ние како риболовен клуб „Хантер Фиш“ ќе бидеме успешни домаќини – истакна Бесмир Елези претседател на локалното риболовно друштво „Хантер Фиш“.
Тој потсети дека за нив е комплимент што Риболовната федерација на Македонија одлучила еден од натпреварите во рамките на Крапската лига за годинава да се одржи на ова езеро, кое за многумина риболовци од земјава сѐ уште е неоткриена убавина.
Елези нагласи дека очекува целиот натпревар да протекне со максимален фер-плеј, за што ќе се погрижат повеќе врвни судии од земјава, предводени од главниот судија на натпреварот Пеце Велевски, а секоја од екипите ќе биде составена од по двајца риболовци.
Локалната екипа ќе ја сочинува тандемот риболовци Кире Пиперкоски и Горан Мишкоски. З.А.