Изјавите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) дека најавениот штрајк дава резултати, односно дека во Град Скопје и ЈСП се покачени платите како заслуга на ССМ се невистинити, велат од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
Како што соопштија денеска, репрезентативната синдикална организација на Град Скопје во рамки на гранскиот синдикат ССКО при КСС и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска потпишале измени на Колективниот договор на ниво на работодавач Град Скопје со кои се врши линеарно зголемување за сите вработени во градската администрација од 2800 денари, освен за оние за кои веќе имаше зголемување по основ на зголемување на минимална плата.
Во ЈСП, посочија од КСС, Управниот одбор го прифати барањето на Независниот синдикат на возачите при КСС и потпишана е спогодба и донесена е Одлука за линеарно покачување на платите во износ од 2.800 денари.
– Синдикалните организации на ниво на работодавач при КСС се оние кои потпишуваат спогодби за покачување на платите, а ССМ очигледно се неспособни за ова, па ги манипулираат вработените дека ова се нивни заслуги – додаваат од Конфедерацијата.
Информираат дека водат активни преговори за покачување на платите и во повеќе локални самоуправи и јавни претпријатија, што, како што велат, само по себе покажува дека социјалниот дијалог на локално ниво е жив и заложбата на новите раководства на локалната самоуправа да излезат во пресрет на работниците се очигледни и за поздравување.