Приврзаници на опозициската бугарска партија ВМРО-БНД утринава се собраа пред домот на Кирил Петков, блокирајќи го влезот во обид за да го спречат бугарскиот премиер да оди на работа. Нивниот протест беше емитуван во живо на фејсбук-профилот на европратеникот Ангел Џамбаски.
– Тука сме затоа што сакаме да слушнеме од премиерот одговори на важните прашања за двојната надворешна политика кон Северна Македонија. Сакам предлогот да биде разгледан на отворена седница и со него да се запознае бугарското општество. Тоа што предлогот не е разгледан ми покажува дека Петков се плаши да го поднесе. Гледам одложување на Комисијата за надворешни работи, тактички потези, одложување и губење време во однос на гласањето за недоверба на Владата – истакна Џамбаски, прашувајќи кога Петков ќе поднесе оставка.
Петков, пак, при влегувањето во Народното собрание на Бугарија изјави дека е оптимист за опстанокот на владата која ја предводи, а чија судбина денеска се разгледува, јави дописникот на МИА од Софија.
Тој вели дека е оптимист, затоа што луѓето што ја поддржуваат бугарската влада го тераат да мисли така. Петков одби да коментира повеќе детали пред денешната расправа за барањата на опозицијата за гласање недоверба на Владата.
За да опстане владата на Кирил Петков мора да има 121 глас од 240. Расправите ќе се водат денеска во Народното собрание, а гласањето треба да се одржи 24 часа по нивното завршување во среда навечер или четврток пред пладне.
Пред зградата на Народото Собрание во Софија денеска се најавени пет протести против бугарската Влада. Како што пренесува дописникот на МИА од Софија, станува збор за протести на движењето „Да, Бугарија”, партијата „Препород”, партијата ВМРО-БНД , здружението „Толерантност” и национално движење „Хан Кубрат”.