ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТРКА ОКОЛУ ШВАЈЦАРИЈА
Герент Томас (36), велосипедистот на Инеос гренадирс, е првиот Британец што триумфира на трката Околу Швајцарија, наедно и вториот најстар победник. Претходниот најдобар пласман на Томас на оваа трка беше второто место во 2015 година.
– Среќен сум што конечно победив на Тур де Швајцарија. Голема благодарност до клупските колеги од тимот и за нивната поддршка – напиша Томас на Твитер.
Трката Околу Швајцарија, која е една од последните поголеми трки како загревање за Тур де Франс, беше погодена од повеќе повлекувања поради ковид-19, меѓу кои беа британскиот олимписки првак во планински велосипедизам Том Пидкок и тимскиот колега на Томас, Адам Јејтс. Томас, победникот на Тур де Франс во 2018 година, се смета за еден од фаворитите на годинашниот Тур, кој почнува во Копенхаген, на 1 јули. Л.Д.