НАЕЗДА НА МАЛИ ИНСЕКТИ ВО СКОПЈЕ И ОКОЛИНАТА
Станува збор за сезонски мушички, кои најчесто се појавуваат секоја година во периодот мај-јуни. Службите од Град Скопје се обратија со допис до Центарот за јавно здравје, по кој е договорено да се спроведат третмани со вонредно прскање, оросување и замаглување по кејот на Вардар и низ градските паркови против мушички. Според Центарот за јавно здравје, неодамна било извршено вонредно прскање за овој вид инсекти
Доаѓањето на летото и топлиот период за многумина од нас значат и почеток на деновите за одмор и уживање на отворено. За жал, нашето задоволство честопати знае да биде прекинато од здодевните инсекти, кои токму тогаш кога ние сме решиле да се одмориме или, едноставно, да се опуштиме на отворено, да се фокусираат на нас. Комарци, пчели, оси, муви, мравки се само мал дел од инсектите што ги вознемируваат граѓаните, па токму овој период од годината е најомразен поради нивната масовна појава.
Комарците, традиционално, секое лето ги има во огромен број во Скопје и се чини дека жителите полека се предаваат во „борбата“ со нив, како да се навикнаа и да прифатија дека не можат да ги победат. Меѓутоа, оваа година скопјани немаат мир од појавата на мушичките, кои буквално се лепат на телото и на очите, а ги има во енормно голем број и се присутни насекаде.
ГРАЃАНИТЕ ИЗНЕНАДЕНИ, МУШИЧКИТЕ УПОРНИ
Здодевните мали мушички направија инвазија во Скопје. Со овие зборови изминатиот период скопјани го почнуваат речиси секој разговор. Ако порано важеше правилото да не се носи жолта боја за да не привлекува мушички, оваа година воопшто не е важно каква боја облека ќе ја облечете. Мушички има буквално насекаде.
За граѓаните, овие мали инсекти се дури и поздодевни од комарците.
– Не знам што е оваа година со мушичките. Ако до лани немавме мир од комарци, оваа година нападнати сме и од мушички. Имам 60 години и ова е навистина првпат да забележам вакво нешто. Здодевни, влегуваат во очите, во косата, во ушите, се лепат за кожата, а не се како мувите и комарците да замавнеш со рака и да ги избркаш. Премногу се здодевни. Малите деца се особено загрозени, плачат оти им влегуваат во устата и во носот и им се лепат буквално за сѐ. Внук ми лижеше сладолед, буквално за неколку минути целиот сладолед му беше полн со мушички. Не знам што е ова, меѓутоа мора да се најде некакво решение – вели Бубе Трајановска.
Дека овие мушички се доста здодевни велат и велосипедистите, кои имаат голем проблем со нивната појава. Тие велат дека се принудени да носат очила, бидејќи очите им се полнат со мушички.
– Не можам да возам велосипед. Буквално влегуваат во очи, па морам да носам очила за да можам да возам. Додека возам, не смеам ниту уста да отворам, веднаш влегуваат мушички. Навистина се грозни – вели Зоран Богдановски.
ВО ТЕК Е РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ
Надлежните велат дека се запознаени со овој проблем. Градските власти велат дека навремено и соодветно реагираат за негово решавање.
– Станува збор за сезонски мушички, кои најчесто се појавуваат секоја година во периодот мај-јуни. Град Скопје е надлежен за дезинсекција, односно прскање против ларви од комарци и возрасни форми на комарци. Дезинфекцијата и дератизацијата ги спроведуваат органите на Министерство за здравство, односно Центарот за јавно здравје. Службите од Град Скопје се обратија со допис до Центарот за јавно здравје, по кој е договорено да се спроведат третмани со вонредно прскање, оросување и замаглување по кејот на Вардар и низ градските паркови против мушички. Според информации од Центарот за јавно здравје, неодамна било извршено вонредно прскање за овој вид инсекти. Доколку службите увидат потреба од дополнително прскање, тоа ќе биде спроведено во согласност со временските услови – велат градските власти.