Граѓаните треба да размислуваат колку всушност ќе поскапи електричната енергија, а не за процентите и за блок-тарифите, бидејќи на самите сметки можат да видат колку електрична енергија трошат, со што пресметката е јасна за секое семејство, вели универзитетскиот професор Константин Димитров.
Вчера беше презентиран калкулаторот за новиот тарифен систем за универзалниот снабдувач со електрична енергија што е достапен на веб-страницата на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), преку кој граѓаните можат да направат споредби за сметките меѓу постојниот и новиот предлог тарифен систем за високата тарифа на потрошена струја.
– Сите граѓани можат да ги проверат сметките каде што пишува која е дневната, а која е ноќната тарифа. За секое семејство е јасно. Верувам дека сите дома ги чуваат сметките од пред неколку месеци, па нека ги отворат и нека споредат колку трошат во ниска, а колку во висока тарифа. Колегите што имаа увид во мерењето јасно истакнаа дека најголем дел од граѓаните ќе потпаднат во првите две блок-тарифи. Ќе се плаќа една цена до потрошени 210 киловат/часови, па друга за 420 и потоа мал дел за потрошени над 630 киловат/часови. Тоа може да има влијание, но нема да го скрши ‘рбетот. Народот треба да размислува колку ќе поскапи електричната енергија, а не за процентите – истакна професорот Димитров во изјава за „Нова Македонија“.
Предвидено е различните тарифи за домаќинствата, во зависност од потрошувачката на електрична енергија, да се воведат од 1 јули. Сѐ уште не е дефиниран бројот на блок-тарифите и прагот на секоја од блок-тарифите во високата потрошувачка на електрична енергија, а РКЕ соопшти оти е отворена за сите забелешки што ќе стигнат за новиот тарифен систем за универзалниот снабдувач.
Беше најавено дека со новиот вид на тарифирање 93 отсто од потрошувачите ќе бидат во првата и втората блок тарифа. Тука спаѓаат оние што трошат до 210 или од 211 до 420 киловат/часови електрична енергија и за нив струјата ќе биде поевтина или во рамки на сегашната цена. Во третиот блок со потрошувачка од 421 до 630 киловат часови се четири отсто од домаќинствата, а во четвртиот со потрошувачка од над 630 киловат часови електрична енергија се три отсто од потрошувачите. За нив цената ќе биде повисока.
Симулациите што ги изработија Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за реформа на тарифниот систем за електрична енергија покажаа дека со воведувањето на четири блокови на потрошувачка само во високата тарифа, дури 87 отсто од домаќинствата во зимскиот период би плаќале пониска цена на електричната енергија во високата тарифа (дневна струја) отколку со постојниот тарифен систем, а во летниот период тој процент би достигнал до 92 отсто. М.Ж.