Пациентите во Хрватска директно ќе ги плаќаат услугите за лекување. До крајот на оваа година ќе се обединат јавните набавки за 23 категории производи во болниците, ќе се ревидира листата на посебно скапи лекови и ќе се донесе целосна регулатива за сите лекови. Во периодот од 2023 до 2026 година ќе се изедначат коефициентите на специјалистите на примарно и болничко ниво, ќе се професионализира менаџментот на здравствените установи, ќе се зголеми бројот на лекари и сестри што се усовршуваат за примарна и итна медицина.
Во текот на 2024 година ќе дојде до спојувања на болниците, чиј број од 62 ќе се сведе на 20, стационарното лекување треба да се намали за 10 отсто, она во дневните болници ќе се зголеми за 20 отсто, а просечниот број денови ќе се намали од сегашните девет на седум.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, вчера во Никозија разговараше со лидерот на кипарските Турци и други официјални претставници на Турската Република Северен Кипар, што е признаена само од Анкара. Чавушоглу пристигна во Никозија во саботата, каде што на аеродромот го пречекаа министрите за внатрешни работи и за надворешни работи на кипарските Турци, Зија Озтурклер и Тахсин Ертугрулоглу.
Од мај годинава надлежните институции во Црна Гора заплениле повеќе цигари, отколку која било друга земја во Европа, тврди министерот за внатрешни работи Филип Аџиќ. Во барското пристаниште се одземени осум контејнери, приближно четири илјади пакети со цигари, чија вредност изнесува околу 3,5 милиони евра. Аџиќ најави дека ќе продолжат активностите на надлежните институции, насочени кон борбата против шверц со цигари
Српскиот адвокат Срѓан Алексиќ изјави дека добил повеќе од 3.340 барања од српски граѓани, кои би сакале да го тужат НАТО поради рак како последица на употребата на осиромашен ураниум. Најмногу од оние што се жалат се војници и полицајци, а има и Албанци од Прешево и од Бујановац каде што се смета дека има повеќе од два тона осиромашен ураниум.