Анализа
„САД ја поткреваат тензијата со Русија и Кина до максимално ниво, слабеејќи го единството на Западот!“ Ова е цитат со кој редакцијата на „Њујорк тајмс“ неодамна заклучно елаборираше свои ставови во една редакциска анализа. Имено, редакцијата, анализирајќи го прашањето: „Зошто Американците треба да ја поддржат Украина?“, тргна од констатацијата дека нацијата „сè повеќе е загрижена за својата благосостојба“ и во врска со тоа дека „Белата куќа ќе мора да им објасни на Американците зошто ја поддржуваат Украина“…
Ставовите во анализата на угледниот „Њујорк тајмс“ беа пренесувани и разгледувани во повеќе медиуми во регионот. „Геополитика њуз“ направи посебен осврт за споменатата анализа, а аналитичарот Зоран Метер се осврна на неколку клучни точки за новонастанатите процеси, по кои „ќе се воспостават нови правила и нови односи на силите, а светот што до неодамна го познававме ќе изгледа сосема поинаку…“
„Нова Македонија“ денеска и во наредните три дена ќе ги пренесе главните поенти
од анализата
Важни настани од глобален геополитички карактер, кои се редат со голема брзина, сведочат за драматично забрзаната динамика на комплетната промена на светот – фрагментација на глобализацијата – во која и официјално влеговме по почетокот на руската воена интервенција во Украина. Тој процес беше започнат и интензивиран уште многу порано, а беше динамизиран со два клучни геополитички настани:
1. украинската револуција од 2014 година, изведена со помош на САД, и
2. руската воена интервенција во Сирија од 2015 година, на повик од Дамаск.
Овие настани причинија промена од геополитички, геоекономски, геоенергетски и, не помалку важен, воено-безбедносен карактер. Со други зборови, кога и ако сите новонастанати процеси се стабилизираат и воспостават нови правила и нови односи на силите – светот што до неодамна го познававме ќе изгледа сосема поинаку.
Аналитичарот Зоран Метер од „Геополитика“ ги издвојува најважните настани во изминатиов период, укажувајќи на три клучни елементи:
1. САД максимално ги поткреваат геополитичките, геоекономските и геобезбедносните тензии, обидувајќи се притоа да одредат сопствена црвена линија, преку која нема да поминат за ситуацијата да не ескалира во незапирлив судир со клучните соперници – Русија и Кина. Дополнително, проблемот на САД е што ниту една од нив двете (Русија или Кина) не се повлекува – односно, ја прифаќаат фрлената ракавица на предизвик – што ја засилува нервозата на Вашингтон, затоа што му го намалува просторот за маневар. Зашто, откако ќе се испукаат сите политички, дипломатски и економски (санкции, царини…) притисоци – што се прават токму сега – остануваат само уште воените. Меѓутоа, со оглед на тоа дека станува збор за нуклеарни велесили, ваквите игри за сите се сепак крајно опасни и ризични;
2. Се појавуваат првите пукнатини во рамките на постигнатото единство на т.н. колективен Запад (на чело со САД) во однос на проукраинската (антируска) платформа, а токму тоа единство е еден од најголемите успеси на администрацијата на Бајден, што тој има намера да го искористи како важен адут пред американските конгресни избори наесен;
3. И покрај силните притисоци, Западот не успева да придобие ниту една позначајна светска држава надвор од својот „табор“ што би се приклучила на санкциите против Русија, што изолацијата на Москва ја прави илузорна. Згора на тоа, се чини дека на Западот сè повеќе му „бегаат“ и некои важни сојузници (Турција) и партнери (Индија, богатите арапски монархии).
Некои размислувања за првиот клучен елемент: американското подигање на тензијата
Откако – благодарение на руската интервенција во Украина – „прекуноќ“ ја покори Европската Унија и радикално ја спротивстави на Русија, создавајќи од неа брана за ширење на влијанието на Москва на Запад, што многу скапо ќе ја чини Унијата, Вашингтон го префрла фокусот на своите геополитички активности кон Источна Азија, каде што му се брза да ја „скрши“ Кина, како свој единствен вистински глобален економски (а сè повеќе и воен) соперник.
Всушност, повеќе нема време за „покорување“ на Кина – таа веќе стана пресилна. Но администрацијата на Бајден сака (тука ја има поддршката од двете клучни американски политички партии) да формира во Азија класична блоковска поделба на континентот според европскиот модел, што се нема случено никогаш во досегашната историја.
За постигнување на таа цел, уште во времето на Трамп беше формиран КУАД (квадрилатерален безбедносен дијалог, составен од САД, Јапонија, Австралија и Индија), со нескриена цел да се претвори во своевидно азиско НАТО. Така, пред десетина дена во Токио се одржа самит на КУАД, на кој, исто како и досега, Индија остана крајно воздржана во врска со своето поактивно вклучување во антикинеските процеси, а Њу Делхи пред сè има намера да го користи КУАД како еден од инструментите за диверзификација на сопствената одбранбена политика. Ова е така од причина што индиската надворешна политика останува традиционално неутрална. Притоа КУАД несомнено ѝ нуди можност за дополнително јакнење на безбедноста во контекст на потенцијален голем воен судир со Кина, судир што и двете држави – и покрај сложените односи поради нерешени гранични прашања, па и ограничените воени конфликти како оној пред две години – сепак сакаат да го избегнат.
Во овој контекст, интересно е да се каже дека минатата недела премиерот на Сингапур изјави дека неговата земја е против каква било поделба на азиските држави според начелата на НАТО во Европа. Ист е ставот и на повеќето азиски држави, пред сè на оние што се вклучени во структурата на АСЕАН, чија наклоност Бајден со задоволство би сакал да ја види, но тоа нема да се случи. Економската соработка на оваа асоцијација со Пекинг е преголема и премногу важна за какви и да било ризични супститути.
Истовремено, еден ден пред почетокот на самитот на КУАД, Бајден беше во посета на Јужна Кореја, која од неодамна има нов претседател. Ќе се задржам само на најважното: Сеул, иако е сојузник на Вашингтон, не само што упорно се спротивставува на приклучувањето кон КУАД туку одби и распоредување на новите американски ракетни системи на својата територија, на чие распоредување остро се спротивстави Северна Кореја (точно на денот на посетата на Бајден, Пјонгјанг демонстративно спроведе нова вежба за лансирање интерконтинентална балистичка ракета), но и Кина и Русија.
Во основа, најголем успех на Бајден за време на азиската турнеја беше тоа што целосно и дефинитивно ја придоби Јапонија на своја страна во однос на своите нови геополитички планови во Индопацификот.
Поинаку кажано, Токио за Русија и Кина станува непријателска држава, што не се случило од завршувањето на Втората светска војна, иако земјата и понатаму одбива да се вклучи во активната заштита на Тајван во случај на кинески напад. За тоа најдобро сведочи изјавата на Москва дека, како што беше речено, поради непријателската политика на новата јапонска влада, Русија ќе преземе нови воени мерки од воен карактер.
Иако овде, веројатно, станува збор за стационирање современи воени ефективи на рускиот Далечен Исток, а речиси сигурно и на Јужните Курилски Острови – чиј руски суверенитет не е признаен од страна на Јапонија – ова без сомнеж се однесува и на јакнење на руско-кинеското стратегиско партнерство на воено поле.
Така, токму за време на одржувањето на самитот на КУАД во Токио, Русија и Кина спроведоа нови заеднички патролни летови на своите стратегиски авиони (дел од нуклеарната тријада на овие две земји) во водите на Источнокинеско и Јапонско Море. Тие не го прават ова првпат, но интересно е што овие летови првично беа планирани дури за втората половина од оваа година, што претставува јасна порака не само за Токио туку и за Вашингтон, дека Русија ќе застане на страната на Кина во однос на тајванското прашање, како што Кина стои на страната на Русија во однос на нејзината воена интервенција во Украина – не осудувајќи ја, туку токму спротивното – отворено обвинувајќи ја американската политика за украинската војна.
Овие здружени патроли на стратегиските авиони се совпаднаа со изјавата на Бајден за време на споменатата турнеја, која дефинитивно предизвика најголема бура. Одговарајќи на новинарско прашање, тој, ни помалку ни повеќе, изјави дека САД воено ќе го бранат Тајван во случај на кинески напад.
Со оваа изјава, Бајден драматично ја промени американската политика на „стратегиска неопределеност“ кон Тајван во „стратегиска определеност“.
Со оглед на фактот дека тајванското прашање е клучно за американско-кинеските односи (кои не постојат без американското придржување кон начелото за единствена Кина – како најголемо дипломатско наследство на „патријархот“ на американската дипломатија, Хенри Кисинџер, кој на почетокот на 1970-тите со својата умешност воспостави американско-кинески односи, „отсечувајќи“ ја на тој начин оваа огромна држава од СССР, како најголем американски ривал), одговорот на Кина беше молскавичен и звучеше во стилот „само обидете се“. Веќе следниот ден, источната воена командна зона на Кинеската народна ослободителна војска излезе со соопштение дека кинеските вооружени сили организирале воени вежби во близината на Тајван, со цел „да ги предупредат САД“.
Оттука, доколку администрацијата на Бајден воопшто имала намера (за што до минатата недела се зборуваше низ високите политички кругови) да ѝ понуди на Кина многу поблаг пристап во пресметката на Вашингтон со неа, во споредба со Русија, која е притисната од сите можни санкции (т.е. продолжување на економската соработка според одредени правила, во замена за кинеско „вртење грб“ на Русија) – по сево ова, таа опција дефинитивно пропаѓа.
Пекинг веќе нема илузии – токму тој е главна цел на САД и ќе стори сè што е во негова моќ да се спротивстави. Уште еден доказ за тоа е доктринарниот говор на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во однос на Кина, само неколку дена по изјавата на Бајден, во кој остро ја критикува кинеската политика во последниве години – почнувајќи од нејзината светска експанзија, па сè до кршењето човекови права и поврзувањето со Русија. Блинкен изјави дека Вашингтон на Пекинг гледа како на „најсериозен долгорочен предизвик“ за меѓународниот поредок.
Притоа е важно да се истакне дека во САД стануваат сè погласни и оние реалистични аналитичари, кои предупредуваат дека постои опасност Вашингтон непромислено да се „залета“ во однос на тајванското прашање.
Бајден сака максимално да го вооружи Тајван со современо оружје според украинскиот модел, создавајќи од него, како што минатата недела напиша „Њујорк тајмс“, еден вид „бодливо прасе“, кое ќе може да се спротивставува на кинескиот напад сè додека не му дојдат на помош американските сили. Споменатите предупредувања најавуваат дека во тој судир САД би можеле да бидат поразени и да изгубат сè. Имено, Тајван е клучната платформа врз која се темели новата американска антикинеска стратегија во регионот на Индопацификот.
(Продолжува)
Утре: Вториот клучен елемент: пукнатините во западното единство