Речиси цела година се забележуваат привремените продажни објекти во централното градско подрачје, а минувачите постојано се провираат покрај нив. Токму на улицата Македонија, во делот кај „Рекорд“, од колички како подвижни продавнички се продаваат јаткасти плодови, а периодов има и продавачи на печена пченка. На едни им годи на поминување да купат нешто, но на други им пречи и им предизвикува револт, бидејќи не е јасно како ги поставиле своите бакалници.
Речиси подолг период наспроти објектот на „Мекиците на Стража“ се позиционира приправена трафика семкарница или леблебиџилница, а многумина се прашуваат има ли сопственикот дозвола да биде таму, токму среде улица. Од градот не одговорија во кој вид објекти спаѓа овој и дали има дозвола за работа, иако официјално побаравме одговор од нив.
– Не ми е јасно, мислам дека не беше дозволено да се поставуваат подвижни објекти на улицата Македонија, но, еве, ги гледам повторно. Постојано сме во тој метеж на „Рекорд“ кога брзаме за на работа и сега, кога поминувам оттаму, стеснет ми е просторот за движење, од едната страна „Мекиците на Стража“, од другата се судирам со импровизираниве продавнички. Што бараат таму, не ми е јасно. А и на што личи град метропола да има такви работи во центарот – вели загрижен граѓанин.
Според одредбите во правилникот на градот Скопје донесени во 2010 година, јавни површини се простори дефинирани во урбанистичките планови и во нив спаѓаат неизградените површини, чија намена е за општа употреба или до реализација на нивната намена утврдена по урбанистичките планови. Слободна проодна површина претставува дел од јавната површина наменета исклучиво за движење на пешаци, на која не смее да се поставуваат привремени објекти и урбана опрема.
Според Одлуката за утврдување стандарди за поставување привремени објекти и урбана опрема на подрачјето на градот Скопје од 2010 година, членот 23 вели дека монтажно-демонтажни објекти од лесна конструкција се објекти со површина до 16 квадратни метри, кои можат да се постават на одредени места. Монтажно-демонтажните објекти од лесна конструкција се наменети за продажба на весници, билети за јавен превоз, вода и безалкохолни пијалаци, сувенири, лотарија, кондиторски и слични производи (без приготвување храна). Монтажно-демонтажни објекти од лесна конструкција можат да се поставуваат и на одредени места при одржување хуманитарни, културни, забавни, спортски, изложбени, рекламно-промотивни или деловно-информативни и други активности по повод празници и манифестации како придружни објекти во функција на настаните. Граѓаните не знаат во која класа спаѓаат наведените подвижни продавнички, но дефинитивно знаат дека се со лесна конструкција и дека не се за одредени случувања и настани, туку се подвижни објекти, кои вршат услуги од областа на трговијата.
Ги прашавме и надлежните од општината Центар дали тие можеби издале согласност за поставување урбана опрема на нивна територија, но тие нѐ упатија кон градот Скопје, бидејќи велат дека тие се надлежни. Инаку, за добивање одобрение за вршење дејност за користење јавни површини го поведува заинтересираниот субјект, со поднесување барање до градоначалникот на градот Скопје. Поднесувањето на барањето е потребно да биде проследено со соодветно изработен елаборат, кој е во согласност со пропишаните услови и стандарди, така вели Одлуката за користење јавни површини во градот Скопје од 2008 година. Овие одредби укажуваат дека привремените семкарници или леблебиџилници треба да имаат одобрение од градот Скопје и од скопскиот градоначалник. Од градот не добивме никаков одговор дали објектите на улицата Македонија имаат градска дозвола. Ги прашавме како се регулирани тие привремени продавници и како работат? Дали имаат одобрение за вршење дејност? Дали смее да бидат поставени на улицата Македонија? А доколку не смее, тогаш зошто сѐ уште опстојуваат?