Разногласие кај разузнавачките служби на САД пред конфликтот во Украина
Како што пренесуваат неколку релевантни американски медиуми, еден дел од разузнавачката заедница на САД „здраво“ погрешил во процената за украинскиот претседател Володимир Зеленски во намерата да им даде отпор на руските сили. Процените на американските служби се потпирале на сознанијата за длабокиот судир со неговиот политички ривал Петар Порошенко и на уверувањето дека ризикот за руски напад е низок. Голема непознаница било тоа како ќе реагира русофилското население, кое живее на истокот на земјата.
Американското законодавно тело не ги прифаќа ваквите објаснувања, по погрешните процени во Авганистан.
Во тој контекст, Си-ен-ен објави дека разузнавачката агенција на Стејт департментот, кој е пандан на Министерството за надворешни работи, прецизно го процени нивото на отпор на Украина. Тие биле спротивни на процените на ЦИА и на ДИА (Воената разузнавачка агенција), па затоа и не биле земени со голема доверба. Одделот на СД во 2003 година беше во право кога тврдеше дека во Ирак нема оружје за масовно уништување. Ни тогаш, а ни сега во случајот со Украина не беа послушани. Раководител во Стејт департментот објасни дека процените за желбата за борба на одделен народ не е наука, туку способност која ѝ пркоси на анализата исклучиво темелена на податоци.
Критичарите велат дека САД би тргнале и порано со вооружување на Украина доколку разузнавачите добро процениле дека има шанси за борба против руската војска. Деновите пред операцијата на Русија, американските разузнавачи процениле дека Киев ќе падне во рок од три до четири дена од почетокот на руската инвазија.
Процената за способноста на руската војска, за кои американските разузнавачи дале поголеми оцени, било невозможно да се определи затоа што Русија не учествувала во голема копнена војна од крајот на 1980 година. Со ова се објаснуваат и погрешните оцени дека руската армија ќе завладее и со украинскиот воздушен простор! Не се исполнија и предвидувањата дека Москва ќе искористи и хемиско или биолошко оружје, а се покажа како неоправдан стравот дека ќе се употребат и кибернетските напади против Украина и кон сојузниците.
Генералот Роберт Ешли, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање во вооружените сили на САД, вели дека „добро знаеле дека во руската војска постои низок морал и војниците се подложни на користење алкохол и дроги“.