Српскиот претседател Александар Вучиќ по пристигнувањето во Охрид/Фото: Влада

Лидерите на земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ денеска пристигнаа во Охрид каде што утре ќе се одржи работниот дел од самитот.

Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и претседателот на Владата на Република Црна Гора Дритан Абазовиќ на охридскиот аеродром беа пречекани од министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска/Фото: Влада

Премиерот на Албанија Еди Рама во доцните попладневни часови ќе биде пречекан од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, додека претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија во Охрид пристигна во текот на вчерашниот ден.

Според агендата на самитот „Отворен Балкан“ утре ќе бидат потпишани договори и меморандуми за соработка во туризмот, културата и меѓу даночните управи на земјите од иницијативата, како договорот за соработка за земјите од иницијативата за взаемно признавање на дипломи и научни степени издадени од високообразовни институции и други овластени институции.


Посебен сообраќен режим во Охрид за време на самитот

Поради реализација на самитот на иницијативата „Отворен Балкан“ што се одржува во Охрид од вчера до утре на подрачјето на СВР Охрид се преземаат соодветни безбедносни мерки, информира Секторот за внатрешни работи Охрид.

– Активностите се насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците и други објекти за што се веќе остварени контакти со службите од локалната самоуправа како и со сите правни субјекти одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид, со Јавните претпријатија како и со други релевантни субјекти – соопшти МВР.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, се вели во соопштението, интензивно презема мерки за сообраќајно обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот, пред сѐ по булеварот „Туристичка“, но и по другите патишта и сообраќајници каде не е дозволено запирање или паркирање на моторни возила и каде се врши непречено пропуштање на возилата со приоритет наменети за обезбедуваните личности.

Воедно, сообраќајното обезбедување ги опфаќа и останатите магистрални, регионални и локални патишта, како и заштитниот појас на патиштата заедно со улиците во населените места и паркиралиштата.

– Секторот за внатрешни работи апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот – велат од МВР.

Апелираат  граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот, имајќи ги предвид безбедносните мерки што се реализираат за време на самитот „Отворен Балкан“, а своите моторни возила да ги користат во исклучителни случаи или да користат алтернативни превозни средства.