Фото: Игор Бансколиев

Секоја екипа има фудбалери што играат во два правца и се постојано во игра. Преовладуваше тој нов тренд со посед на топката и со организација од последната линија, во која сѐ поголема е улогата и на голманот. Високиот пресинг, исто така, се карактеризира и, секако, брзата транзиција, вели Михајлов, а Јовановски додава: Од фудбалска креативна гледна точка, не е воопшто паднат квалитетот на фудбалот, а тоа и не може да се случи за една-две години. Тоа најдобро го почувствувавме во осминафиналните, четвртфиналните, полуфиналните мечеви во ЛШ, а круна на сѐ беше финалето, каде што се играше многу квалитетен фудбал. Сигурно дека едно е да се игра пред публика, а сосема друго без неа, но од фудбалска гледна точка, фудбалот како игра сигурно дека не загуби во неговиот квалитет

ПО ТРЕТАТА ЕВРОПСКА КЛУПСКА СЕЗОНА ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА

Нема некоја голема промена од фудбалски аспект во минатата сезона во Европа, преовладува тој нов тренд со посед на топката и со организација од последната линија, во која сѐ поголема е улогата и на голманот. Високиот пресинг, исто така, се карактеризира и, секако, брзата транзиција од одбрана во напад. Голот што го постигна Реал Мадрид во финалето на Лигата на шампионите го покажа тоа, од една на изглед безизлезна ситуација, Реал успеа да одигра додавање во простор, каде што Валверде одлично се уфрли, а Винисиус ја искористи својата брзина и се најде на вистинското место. Темпото на играта е кренато на едно повисоко ниво, а секоја екипа има фудбалери што играат во два правца и се постојано во игра, како Робертсон и Арнолд. Самата игра и темпо не им даваат на играчите да размислуваат многу и мора да се физички и психички многу подготвени за да одговорат на тие барања, вели во анализата на изминатата европска фудбалска сезона македонскиот фудбалски стручњак Горазд Михајлов, тренер на прволигашот Силекс.
Истакнатиот фудбалски стручњак и некогашен македонски селектор, Ѓоре Јовановски, вели дека и сезонава се играше квалитетен фудбал.
– Најголема добивка на натпреварите по постковид-периодот е самиот факт што стадионите сега се полни, а видовме што значи еден таков период кога се играше пред празни трибини. А за фудбалерите, пак, од каде и да доаѓаат, токму публиката им беше најголемиот мотив за игра. Од фудбалска креативна гледна точка, не е воопшто паднат квалитетот на фудбалот, а тоа и не може да се случи за една-две години, оти е мошне краток период за некаква голема разлика. Тоа најдобро го почувствувавме во осминафиналните, четвртфиналните, полуфиналните мечеви во ЛШ, а круна на сѐ беше финалето, каде што се играше многу квалитетен фудбал. Сигурно дека едно е да се игра пред публика, а сосема друго без неа, но од фудбалска гледна точка, фудбалот како игра сигурно дека не загуби во неговиот квалитет – вели Јовановски.
Во европските купови трофеите ги освоија екипи од три земји, и тоа шпанскиот Реал Мадрид во Лигата на шампионите, германскиот Ајнтрахт во Лига Европа и италијанската Рома во Конференциската лига.

– Во Лигата на шампионите мислам дека никој не предвидуваше дека Реал Мадрид ќе ја освои 14-та титула, но мора да кажам, заслужено слави, иако, да победеше и Ливерпул, и тоа ќе беше заслужено и можеби најреално. Но самиот факт дека во елиминациската фаза Реал Мадрид победи екипи од рангот на ПСЖ, Челси, актуелен шампион и Манчестер сити, кажува дека позаслужена титула од оваа во изминативе 10 години немало, со оглед на фактот дека победи големи европски клубови – вели Михајлов.
Фудбалската сезона во Европа почна со намален број гледачи поради ограничувањата поради пандемијата на коронавирусот, но завршницата на сезоната се играше пред полни трибини.
– Дефинитивно тоа што радува за изминатата сезона е дека фудбалот се игра повторно пред полни трибини. По две и полгодишната пандемија, која уште не е завршена, мислам дека фудбалот го враќа оној свој препознатлив сјај – вели Михајлов.
Како фудбалер што ја обележи сезоната, Михајлов и Јовановски го издвојуваат првиот стрелец во Лигата на шампионите сезонава, Французинот Карим Бензема, кој постигна 15 гола за Реал Мадрид.

– Бензема е играч што ја заслужува „златната топка“. Можеби не одигра најдобро во финалето, но затоа до тој меч беше движечката сила и главен креатор на тие победи на Реал. Би ги спомнал и голманот Тибо Куртоа и човекот што е предодреден за трофеи каде и да е тренер, Карло Анчелоти. Фудбалер што се очекува да има блескава иднина и кој даде печат сезонава во ЛШ е Винисиус, кој ги има сите предиспозиции – смета Михајлов, а се надоврза и Јовановски: „Мислам дека Бензема апсолутно заслужено и едногласно треба го добие признанието ’златна топка‘ и сметам дека тој и ќе ја добие, затоа што неговиот клуб стана европски првак, а Бензема постигна најмногу голови во ЛШ. Тоа што најмногу ме одушеви кај него е што на тие нокаут-мечеви тој постигна осум гола, што е феноменално остварување, оти, што би се рекло, толку голови тешко се постигнуваат кога играш т.н. маалски фудбал, а не во ЛШ, и тоа во четврт-финалето, полуфиналето и финалето“. Г.М.;Г.И.