Се одржа 47. европски кадетско-детски карате-натпревар „Лорд-куп 2022“

Натпреварот за „карате-оскар“, европскиот кадетско-детски карате-натпревар „Лорд-куп“, се одржа по 47. пат, на 21 мај, во спортскиот центар во Ново Лисиче „Марко Божиновски“ во Скопје.
По двегодишната пауза поради пандемијата на коронавирусот, клубовите и младите каратисти со голем ентузијазам покажаа што совладале во своите клубови во текот на периодот што е зад нас, исполнет со голем број ограничувања. Наедно и нивните родители и најблиски, кои се нивните поддржувачи за напредување во спортот, и овој пат беа нивната најверна публика.
– Купот го посветивме на 40 години активно дејствување на карате-клубот Аеродром во рамките на нашата општина. Во овие четири децении, тука се обучени интересенти за карате од нашата околина и пошироко, над 50 млади луѓе станаа карате-мајстори, а наедно и совесни и вредни граѓани на нашето општество. Исто така одбележуваме и 50-годишнина од одржувањето на првите летни карате-кампови во Македонија. Првиот беше во далечната 1972 година, одржан во студентското одморалиште „Студент“ во Претор.

Годинава ја промовираме и книгата „Македонските карате-почетоци“, во која се поместени видувањата на 12 врвни каратисти, значајни за развивањето на овој спорт во нашата земја, а пред сѐ меѓу младите – ни рече претседателот на карате-клубот Аеродром – Скопје, Димче Јанковски.
Тој е голем ентузијаст и многу заслужен за тоа што голем број деца во нашата земја го одбраа овој спорт. Инаку, Димче е дипломиран инженер и носител на мајсторски појас осми дан.

На церемонијата на отворањето беа присутни, а со тоа оддадоа чест на настанот, претседателот на Карате-федерацијата на Македонија, Петар Белистојаноски, Ѓорги Кузмановски, долгогодишен раководител на Сојузот на спортови на Град Скопје, и Зоран Шишковски, раководител во секторот за јавни дејности – Одделение за спорт, кој наедно ги поздрави учесниците и го прогласи купот за отворен.
На натпреварот учествуваа 16 клубови од Македонија, Србија и од Бугарија со вкупно 116 натпреварувачи. Нивните имиња и бројот на натпреварувачите следуваат во продолжение:

1. Васход, Хасково/Бугарија – 7
2. Будуќност, Белград/Србија – 1
3. Куманово 75, Куманово – 13
4. Аеродром, Скопје – 12
5. Иппон, Лесковац/Србија – 10
6. Минералац, Врањска Бања – 2
7. Јабланица, Медвеѓа/Србија – 1
8. Рис, Скопје – 2
9. Партизан, Штип – 4
10. Љуботен, Тетово
11. Минта, Охрид – 8
12. Скопје, Скопје – 4
13. Елди-Кан, Скопје – 17
14. Пејов, Скопје – 3
15. Гевгелија, Гевгелија – 18
16. Дојран, Дојран – 9

Резултатите на учесниците што се натпреваруваа за „карате-оскари“ во поединечна конкуренција и за карате-пехари во екипна конкуренција се следните:
Во екипна конкуренција за најуспешни беа прогласени:
За родени 2011/2012 женската екипа на КК Дојран од Дојран
За родени 2013/2015 женската екипа на КК Елди-Кан од Скопје
За родени 2011/2012 машката екипа на КК Јабланица од Медвеѓа
За родени 2013/2015 машката екипа на КК Елди-Кан од Скопје
Со „карате-оскар“ во поединечна конкуренција се стекнаа следните каратисти:
За родени 2011 година
Хари Фидани од КК Елди-Кан, Скопје – во женска конкуренција
Калин Апостолов од КК Гевгелија, Гевгелија – во машка конкуренција
За родени 2012 година
Даница Михајловиќ од КК Иппон, Лесковац – во женска конкуренција
Бојан Блажевски од КК Минта, Охрид – во машка конкуренција
За родени 2013 година
Мирјам Танушева од КК Минта, Охрид – во женска конкуренција
Абдулмалик Асани од КК Елди-Кан, Скопје – во машка конкуренција
За родени 2013 година
Ева Лилиќ од КК Куманово 75, Куманово – во женска конкуренција
Фаик Вејселовски од КК Елди-Кан, Скопје – во машка конкуренција

Оценувачи на овој натпревар беа: Зоран Пејов / карате-мајстор, Миодраг Николиќ / музичар, д-р Перо Костанчев / карате-мајстор, Владо Дојчиновски / актер, Братислав Антиќ / карате-мајстор и Марија Таушанска Анастасовска / уредничка на „Колибри“, подлистокот за деца во дневниот весник и портал „Нова Македонија“.
На годинешната средба на каратистите на 47. „Лорд-куп“ сите деца учесници добија: учесничка диплома, мала и голема тетратка со посебно направени корици, налепница со симболот на годинашниот куп и документарното издание, книгата „Македонските карате-почетоци“ на авторот Димче Јанковски.
По повод 40-годишнината од работата на карате-клубот Аеродром беа доделени „карате-оскари“, прво на сите шеснаесет карате-клубови учесници на годинашниот „Лорд-куп“, со знак на пријателство. Потоа беа доделени „оскар-благодарници“ за 23 поранешни и сегашни членови што оставиле трага во работењето на клубот. „Оскар-благодарници“ им беа доделени и на девет институции од стопанска и нестопанска дејност и за крај им беа доделени благодарници на партиципиентите во едицијата „Македонските карате-почетоци“.

М.Т.


Благодарница за „Колибри“

„Колибри“, единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат, го доби својот прв „оскар“ на пријателството, по повод 40-годишнината на карате-клубот Аеродром од Скопје! Наедно, доби и Благодарница за повеќегодишната успешна соработка со овој карате-клуб, што, секако, ќе продолжи и во иднина. Уредничката на „Колибри“ беше членка на жирито на 47. „Лорд-куп“.