Фото: МВР

Промовирана кампањата за безбедност во сообраќајот

Под мотото „И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“ во Гостивар беше промовирана кампањата на Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје. На пешаците и возачите им беа делени промотивни материјали.

Кампањата за подобрување на безбедноста на пешаците, како што информира претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска, се реализира во повеќе градови низ државата и дека целта е да се подигне свеста за подобрување на сообраќајната култура на сите учесници во сообраќајот, а посебно на пешаците, но и на возачите кои треба да ги пропуштаат пешаците.

Фото МВР

– Истовремено, во рамки на кампањата „Матуранти – млади возачи, почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот“ упатуваме апел и до матурантите за време на нивната значајна вечер по можност да не користат автомобил, да не консумираат алкохол и да бидат одговорни и совесни учесници во сообраќајот – рече Кожуваровска.

Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски се осврна на состојбата од минатата недела, во која како што рече, за жал, се евидентирани неколку жртви во сообраќајот, од кои двајца се пешаци.

– Ова е и повеќе од доволен податок кој бара сите да бидеме максимално одговорни кон личната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Превентивните кампањи даваат резултат само доколку сите се однесуваме совесно во сообраќајот. Во недостаток на соодветен одговор од страна на учесниците во сообраќајот, репресивните мерки се неминовни за да се заштити животот и имотот на граѓаните. Да бидеме свесни за опасностите, да не ги потценуваме ризиците во сообраќајот – рече Дујовски.

Фото МВР

Минатата 2021 година е година имало најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години. Според податоците на МВР од првите четири месеци во 2022 година трендот е значително намалување на бројот на жртви. Помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.

– Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви. За нас и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка – рече Ангеловски.

Тој, напомена дека во првите четири месеци од годинава има 26 жртви, што е за 14 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 40. Само во месец април 2022 година имаме четири жртви, а во април 2021 имало 12, значи бројката е дури три пати помала во април 2022.

Ангеловски потенцира дека покрај превентивните акции, продолжуваат и засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата.