Предупредувања на водечки економист од ОН

Водечки економист за храна предупредува државите да не се откажуваат прерано од употребата на нафтата и гасот, тврдејќи дека повеќе луѓе ќе умрат од глад доколку не се размисли за последиците. Цените на енергијата пораснаа по избивањето на украинскиот конфликт, а со тоа исто така се зголемија и трошоците за ѓубрива кои се произведуваат од природен гас. Во наредните неколку месеци можат да бидат загрозени и глобалните приноси на култури.
Максимо Тореро, главен економист во Организацијата за храна и земјоделство на ОН, истакна дека ако Европа бара итни алтернативи за рускиот гас, цените дополнително ќе се зголемат, што ќе оневозможи милиони луѓе да купуваат храна. Коментарите на Тореро се спротивставуваат на двете најитни стратегиски грижи на Европа, а тоа се намалување на јаглеродните емисии на блокот и постигнувањето енергетска независност. Тореро верува дека последиците од воведувањето поскапи алтернативи на фосилните горива би можеле да бидат смртоносни. Тоа може да ги натера европските политичари да го преиспитаат нивниот водечки закон за животна средина, поточно европскиот Зелен договор, и дополнително да го поларизираат Брисел.

Зелениот договор создава поделби во Унијата

Веќе постои остар јаз меѓу функционерите како поборникот на Зелениот договор, Франс Тимерманс, кој тврди дека Европската Унија (ЕУ) сега треба да ги удвои своите амбициозни климатски цели додека се оддалечува од руските фосилни горива, и другите, како централнодесничарската Европска народна партија, која притиска против секој нов закон што може да го намали приносот на храна. Тореро појасни дека целосно го поддржува намалувањето на емисиите, но политичарите треба да бидат свесни за тоа како енергетската транзиција може да влијае на цените на храната. Во најлошото сценарио, според Тореро, повеќе од 18,4 милиони луѓе може да страдаат од недостиг на храна во следната година поради конфликтот. Тоа се надоврзува на дополнителни 161 милион луѓе што тој веќе предвиде дека ќе бидат доведени на работ на гладот во 2021 година, поради ценовните шокови од пандемијата. Тореро предупреди дека светот премногу зависи од неколку големи извозници на храна, како ЕУ, САД, Бразил и Индија, кои самите објавија забрана за извоз на пченица. Со намалениот извоз на храна од Русија и Украина, светот е повеќе изложен на климатски шок како поплави или суши во која било голема земја што произведува храна.

Поефективна употреба на ѓубривата

Тореро им препорача на европските политичари добро да размислат за оттргнување од зависноста од природен гас и синтетички ѓубрива. Земјите од ЕУ во моментов дебатираат за да се стави крај на увозот на руска нафта, а гасот најверојатно ќе биде следната главна цел на санкциите. Брисел, исто така, притиска за спроведување на Зелениот договор, кој на земјоделскиот сектор му поставува необврзувачка цел да ја намали употребата на ѓубрива за најмалку една петтина до 2030 година. Тореро рече дека најдобриот начин за напредување ќе биде поефективна употреба на ѓубрива, истакнувајќи дека вообичаено земјоделците ги преоптоваруваат нивните полиња со готов „пакет“ на хранливи материи кои на почвата навистина не ѝ се потребни. Тој ја критикуваше ЕУ за ослободување на милиони хектари необработлива површина од зелените правила со цел да се засади повеќе храна, велејќи дека тоа е грешка бидејќи овој вид непродуктивно земјиште е потребно за да се одржи здравиот систем на храна и нема да го обезбеди приносот што би го очекувале производителите.