Во финалето, Лион ја совлада Барселона со 3-1. Ренар и Ле Сомер играа за Лион во сите досегашни осум триумфи во ЛШ, а Бомпастор стана првата жена што триумфирала во ЛШ како играч и сега како тренер

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ЖЕНИ

Лион ја освои осмата титула во Лигата на шампионите (ЛШ) за фудбалерки, победувајќи ја Барселона со 3-1, во финалето во Торино, на арената на Јувентус, пред 32.257 гледачи. Тоа беше втор најдобро посетен финален меч во ЛШ, по тој во 2012 година на Олимпискиот стадион во Минхен (50.212 гледачи), кога Лион триумфира на мечот со Франкфурт, 2-0.
Лион се сметаше за аутсајдер во дуелот против бранителот на титулата Барселона, кој во финалето го претрпе вториот пораз сезонава (41 победа) и кој вклучуваше беспрекорна сезона, без пораз, во Ла лига. Но Лион, најуспешниот тим во женскиот фудбал, почна одлично и по 33 минути имаше водство со 3-0. Вториот гол го постигна Норвежанката Ада Хегерберг (неверојатни 59 гола на 60 меча во ЛШ), со што на најдобар можен начин се врати на најголемата европска сцена по 20-месечното отсуство поради повредата. За неа ова беше шеста европска титула. Нејзините колешки Венди Ренар и Ежени Ле Сомер беа во тимот на Лион во осумте триумфи.
– Тоа е тимска работа, тимска работа по цел ден. Неверојатни соиграчи, многу сум горда на нив. Не беше лесно да се победи годинава. Цврстина, напорна работа, сето тоа е многу мотивирачко. Јас имам само 26 години, продолжуваме натаму – изјави Хегерберг.
Тренерката на Лион, Соња Бомпастор (41), си обезбеди место во историјата станувајќи првата жена што триумфирала во ЛШ како играч (во 2011 и во 2012-та) и сега како тренер. Лион стана првиот тим што играл во десет финалиња, Ренар во сите или вкупно 102 натпревари во ЛШ. Освојувачката на „златната топка“, Алексија Путелјас, го постигна единствениот гол на Барселона, сезонава за неа вкупно 33-ти и 11-ти во ЛШ.


ДОСЕГАШНИ ЕВРОПСКИ ПРВАЦИ

Лион 8
Франкфурт 4
Умеа 2
Турбине 2
Волфсбург 2
Арсенал 1
Дуизбург 1
Барселона 1