Во финалето Ајнтрахт го совлада Ренџерс со 5-4, на пенали, и го освои првиот европски трофеј по 42 години. Клубот од Франкфурт триумфира без пораз, како Челси и Вилјареал во претходните неколку сезони
ФУДБАЛ – ПО ТРИУМФОТ ВО ЛИГА ЕВРОПА
Ајнтрахт Франкфурт триумфира во фудбалската Лига Европа (ЛЕ) со победата над Глазгов ренџерс, со 5-4, на пенали (по 120 минути игра беше 1-1), во финалето што се одигра на стадионот „Рамон Санчез-Писхуан“ во Севилја. Ајнтрахт и Ренџерс се првите финалисти од Германија, односно од Шкотска во натпреварувањето по ребрендирањето (порано Куп на УЕФА). Ајнтрахт е првиот тим од Бундес-лигата што го освоил Купот на УЕФА/ЛЕ од 1997 година, кога Шалке го победи Интер, на пенали.
За Ајнтрахт ова е прв европски трофеј по 42 години и пехарот во тогашниот Куп на УЕФА, во 1980 година. Ренџерс по петто европско финале останува на единствениот европски трофеј, освоен во 1972 година, во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК). Клубот од Франкфурт на најдобар можен начин ја заокружи одличната сезона, без ниту еден пораз, притоа постигнувајќи барем по еден гол на 13-те натпревари сезонава (седум победи и шест ремија). Претходно без пораз до пехарот во ЛЕ стигнаа Челси во сезоната 2018/2019 и Вилјареал лани.
Ајнтрахт со победата во ЛЕ се пласира на Лигата на шампионите (ЛШ) и ќе биде во првиот барабан пред ждрепката на групите. Клубот од Франкфурт играше во финалето на некогашниот Куп на европските шампиони (сега ЛШ) во 1960 година (победи Реал Мадрид, со 7-3). Германија ќе има пет тима во ЛШ, откако низ домашното првенство тоа го обезбедија Баерн, Борусија Д., Баер и Лајпциг. Во првиот барабан ќе бидат и прваците на Англија (Манчестер сити или Ливерпул), Германија, (Баерн), Шпанија (Реал Мадрид), Италија (Милан или Интер), Франција (ПСЖ), Португалија (Порто) и на Холандија (Ајакс). Воедно Ајнтрахт се пласира и во Суперкупот на УЕФА (против новиот европски првак, Ливерпул или Реал Мадрид, на 10 август, во Хелсинки).
Еден од најзаслужните на триумфот на Ајнтрахт беше голманот Кевин Трап, кој имаше една клучна одбрана на крајот од судиското продолжение, а потоа одбрани еден пенал во серијата пенали.
– Верувавме дека можеме да го направиме ова, но видовте дека моравме многу да се потрудиме за да победиме. Никогаш не потклекнавме, секогаш верувавме во себе. Ова беше најинтензивното искуство во нашите животи. Ова не е моја ноќ, туку сечија, не се сведува на еден играч, туку на целиот тим – изјави Трап, кој го доби признанието за најдобар играч на финалето.
Полна каса
Триумфот на Ајнтрахт во Лига Европа (ЛЕ) ќе значи многу на спортски, уште повеќе на финансиски план, пишува германскиот спортски дневен весник „Кикер“ на својата интернет-страница. Триумфот во ЛЕ значи 8,6 милиони евра во касата на Ајнтрахт, а играњето во Суперкупот на УЕФА, на 10 август, против победникот во Лигата на шампионите (ЛШ), Ливерпул или Реал Мадрид, и дополнителна заработка од 3,5 милиони евра, плус еден милион евра ако победи. Во најпрофитабилната лига на светот, ЛШ, само пласманот во групната фаза во сезоната 2022/2023 носи 15,64 милиони евра. А потоа, секоја победа вреди 2,6 милиони евра, а реми 900.000 евра. Пласманот во осминафиналето „тежи“ 9,6 милиони евра, во четврт-финалето 10,6, во полуфиналето 12,5, а во финалето 15,5 милиони, плус 4,5 милиони евра за победникот.