Здрава храна
Ако ништо на светот за вас нема поубава арома од тукушто сварено кафе, веројатно сте станале зависник од оваа напивка, но тоа воопшто не е лошо. Сѐ повеќе истражувања откриваат дека кафето, ако се консумира во умерени количества, може да биде добро за вашето здравје. Освен толку потребната енергија, може да ги имате и други бенефиции пиејќи го својот утрински филџан кафе.
Кафето го намалува ризикот од дијабетес: Неколку филџани кафе можат да го намалат ризикот од дијабетес од типот 2. Причината е хемикалија што се наоѓа во зрната на кафето, која има важна улога во нашиот метаболизам. Една од тие состојки, позната како хлорогенска киселина, дури може да го намали нивото на гликозата во нашата крв.
Кафето го подобрува помнењето: Истражувачите од Американскиот универзитет во Јужна Флорида откриле дека кофеинот во кафето може да го зголеми нивото на хормоните што помагаат за производство на нови нервни клетки, а тоа може да го намали ризикот од Алцхајмеровата болест.
Ја подобрува работата на срцето: Студијата објавена во магазинот „Циркулација: срцева слабост“ открива дека умереното консумирање кафе (околу два филџани на ден) е поврзано со намален ризик од затајување на срцето.
Кафето го намалува ризикот од рак на кожата: Кафето што содржи кофеин може да го намали ризикот од карцином на базалните клетки, најчесто вид рак на кожата. Така барем вели студијата објавена во „Истражувања за канцерот“. Треба да се спомене дека бескофеинското кафе нема такви ефекти.