ЖРК Металург изнедри уште еден голем ракометен бисер во талентираната Ива Младеновска, која со само 15 години беше клучна ракометарка во освојувањето на трофејот во Купот, на завршниот турнир одигран викендов во Кавадарци.
Прецизна, смирена и самоуверена во решавачките моменти, Младеновска беше незадржлива за противничките одбрани постигнувајќи девет гола во финалето и 10 погодоци во полуфиналето, со што беше и најефикасна на турнирот.
Таа сосема заслужено беше прогласена и за најкорисна ракометарка на завршниот турнир во Купот, крунисувајќи го својот раскошен талент со трофејот и со индивидуалните признанија.
Претседателката на Металург, Зорица Блажевска, ја смета Младеновска за женска верзија на најдобриот македонски ракометар на сите времиња Кирил Лазаров.
– Во нашите редови го имаме женскиот КЛ7, Ивче, која е вундеркинд. Познавајќи ја работата на Јулијана Дамчевска и на Крсто Петрушевски, сигурна сум дека ќе биде најдобра македонска ракометарка која ќе настапува во најсилните европски клубови – вели Блажевска.
Тинејџерката која настапува на бековската позиција, пак, очекува да продолжи да напредува во Автокоманда.
– Се трудевме, работевме напорно и заслужено победивме во Купот. Горда сум на сите ракометарки, на стручниот штаб и на клубот. Колку што напредував во Металург досега, очекувам и понатаму да продолжам да напредувам со напорна работа – истакна Младеновска по финалето во Купот.
Извесно е дека Младеновска пред себе има блескава иднина во која ѝ претстојат уште блескави партии и успеси на клупско ниво, како и во дресот на македонската репрезентација. М.Ж.