Преку скратувањето на расходите со ребалансот на буџетот, Влада отвора можност за нов пакет на мерки за граѓани – изјави министерот за економија Крешник Бектеши, во вечераншото гостување во емисијата „10 минути” ТВ 21,
Тој истакна дека со ребалансот на Буџетот ќе има значително скратување на расходите во однос на непродуктивните трошоци и другите расходи на буџетските корисници.
На ваков начин, според Бектеши, се разгледува можноста доколку има потреба од нови мерки со единствена цел да им се помогнат граѓаните.
Во однос на прашањето со состојбата со маслото за јадење министерот Бектеши, посочи дека Македонија ги има потребните количества за задоволување на внатрешните потреби.
– Во јавноста е креирано мислење дека ние 100 проценти увезуваме од Србија, што не е точно. Нерафирано масло и сончоглед, главно увезуваме од Република Бугарија и моментално се увезува од Украина, затоа што трговците, сигурно во соработка со државните институции, отвориле различни коридори за да се увезува маслото – рече Бектеши.
Тој исто така одговараше на прашање како е одлучено да се извезува маслото за јадење во Албанија, односно истакна дека кризата треба да ја менаџираме заеднички како регион.
– Со цел да бидеме посолидарни и да ја зголемиме трговската размена меѓу нашите држави мислевме дека е соодветно да извезуваме рафинирано масло за јадење. Што се однесува до нерафинираното масло и сончогледот, моментно имаме доволни количества за производство. Намалувањето на цената на маслото за готвење зависи од светската берза и увозните цени. Но, ако се отворат сите коридори на увезување од Украина, која е најголемиот производител на сончоглед не само во Европа, туку и пошироко, тогаш верувам дека ќе имаа стабилизирање на цените – рече Бектеши.
Министерот Бектеши воедно вечерва му одговори на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека за него е чест што е министер на Македонија, но и одговорност затоа што ги застапуваа сите граѓани во државата и сите етникуми.
– Што се однесува до мојата изјава јас се произнесов дека по националност сум Албанец и ова е реалност, исто како што е реалност дека над 600.000 илјади Албанци живеат во Македонија. Колку што Македонија му припаѓа на господинот Мицкоски, толку ми припаѓа и мене. Колку што се грижам јас толку треба и тој да се грижи. Не треба да го оживееме национализмот, да не го поларизираме општеството со вакви теми затоа што имаме позначајни работи. Главниот фокус за нас како Влада, но и за нив како опозиција, треба да биде подобрување на животниот стандард на граѓаните – изјави Бектеши