Фото: Кремљ

Путин не смее да остане на власт, кажа американскиот претседател Џо Бајден кон крајот на говорот пред сојузниците од НАТО во Полска на 26 март, во неговата изјава што означуваше изненадувачка промена од внимателните обиди за избегнување на ескалација со Москва. Бајден набргу потоа појасни дека неговите коментари биле лични, односно не ја претставувале официјалната политика на САД, но ваквата изјава не помина незабележано кај рускиот претседател Владимир Путин, пишува „Форин аферс“, додавајќи дека Кремљ веќе подолго време е фокусиран на наводната закана за промена на власта поддржана од САД.

– Таканаречените „шарени револуции“ според Кремљ станаа синоним за промена на власта поддржана од САД, особено на територијата на поранешниот СССР. Во САД, пак, „шарените револуции“ делуваат како случувања од минатото – наведува американскиот магазин.

Интересно е што „Форин аферс“ во „шарените револуции“ ги вбројува политичките промени што се случија во Србија во 2000 година, Грузија во 2003, Украина во 2004 и во Киргистан во 2005 година, но не и протестите во Македонија од 2016 година.

– Овие движења беа поддржани од Западот, особено од Вашингтон. Во Москва, пак, постојаниот страв од антирежимски притисок им даде на таквите случувања централно место во антизападната идеологија на Кремљ. Иако локалните околности варираат, „шарените револуции“ следат слична практика, со оспорување на изборите, по што доаѓаат масовни мирни протести и колапс на режимот што е на власт. Важен наратив во „шарените револуции“ претставува вмешаноста на САД. Улогата на САД во голема мера е втемелена во желбата за поголема слобода и демократија во регионот. Во Србија и во Украина, американската поддршка беше недвосмислена, додека напорите на Вашингтон беа поскромни во Грузија и во Киргистан. Но, без разлика, во сите четири држави американските организации, меѓу кои е поранешниот Институт Отворено општество кој сега е познат како Фондации Отворено општество, земаа учество во обука на активистите и во помагање да се формираат опозициските коалиции. Наспроти вклученоста, американската Влада навидум немаше сознание како нејзините акции можат да бидат гледани и искористени од Москва – пишува авторот, нагласувајќи оти западно ориентираните власти што се појавиле на политичката сцена во Украина и во Грузија се сметани за потенцијални закани од Москва.

Рускиот претседател Владимир Путин вети дека безбедносниот блок предводен од Москва ќе ги заштити сојузниците од т.н. „шарени револуции“ во соседството, откако во јануари испрати трупи за да ги смират протестите во Казахстан.

– Нема да дозволиме никој да ја дестабилизира ситуацијата во нашиот дом и нема да дозволиме да се одвиваат таканаречените „шарени револуции“ – изјави тогаш Путин.

Одговорот на Русија на протестите во Казахстан речиси беше незабележан на Западот, но седум недели подоцна Русија ја покрена специјалната операција во Украина. А руското дејствување во Казахстан и коментарите на Путин даваат назнака за една од мистериите поврзани со отпочнувањето на војната во Украина. Со евентуално „губење“ на Украина која би се определила за Западот, Русија би можела да се изложи на заканата на „шарена револуција“, се заклучува во анализата на „Форин аферс“.