Распишан е конкурсот за доделувањето на регионалната награда „Милан Младеновиќ“ за 2022 година, а ќе биде отворен до 31 мај. Ова претставува одлична можност за македонските музичари за промоција и презентација во регионални рамки.

Фондацијата на Милан Младеновиќ конкурсот за наградата го објави под слоганот „Пријави ја својата песна“. Право да се натпреваруваат за наградата имаат автори и изведувачи од сите земји на поранешна Југославија, со песна со текст на еден од јазиците што се зборуваат на територијата на поранешните југословенски републики, вклучувајќи ги и јазиците на малцинствата:

– Еден уметник, автор или група автори може да пријават само една песна на конкурсот за Наградата. Песните што се натпреваруваат за наградата треба да бидат објавени помеѓу 1 јули 2021 и 31 мај годинава.

– Апликациите може да ги поднесат авторите, изведувачите или издавачите преку формуларот достапен на веб-страницата на фондацијата.

– Конкурсот завршува на 31 мај, на полноќ.

Наградата „Милан Младеновиќ“ е основана со цел да се поттикне музичката креативност која се карактеризира со вредностите својствени на уметничкото наследство на Милан, а се доделува за најдобра песна од поранешна Југославија на церемонијата на 21 септември – денот на раѓањето на Милан.

За победничката песна годинава ќе одлучува регионалното жири во состав Миле Кекин (Хрватска), Соња Лончар (Србија), Матјаж Манчек (Словенија), Едо Плованиќ (Хрватска) и Драгиша Ускоковиќ Чима (Србија). Стручното жири најпрво ќе избере 12 финалисти кои ќе бидат објавени на промотивната компилација што ќе ја изработи фондацијата Милан Младеновиќ, а победниците на годинешната награда ќе бидат наградени и парично со 3.000 евра.

Освен формуларот за пријавување на сајтот, таму се наоѓа и комплетната документација што се однесува до условите на конкурсот, како и правилата за доделувањето на наградата.