-Рамазанските пости се период кога семејствата се собираат, пријателите се дружат и се посветуваат на саморефлексија и размислување. Ми претставува посебна чест што ја прифативте поканата оваа вечер да бидеме заедно во исполнувањето на вашите свети должности. Со заедничкото споделување и укажување чест во месецот кога нашите сограѓани од исламска вероисповед го празнуваат Рамазан, испраќаме порака за заедништво и подавање рака. Ова се празнични денови кои нè учат сите нас на милосрдие, добрина, давање љубов, грижа и простување кон другите – истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање.
Празничниот пост, како што рече премиерот, е одрекување од земните и сетилните задоволства што е заедничка вредност на многу вери – вклучувајќи ја и христијанска.
-Со заедничко споделување и празнување стануваме поблиски. Со почитување на заеднички вредности кои ја јакнат нашата заедница, успешно ќе продолжиме да го градиме нашето едно општество за сите. Тој концепт успешно го развиваме врз основа на почитувањето на различни верски традиции, како столб на изградените вредностни системи на еднаквост и меѓусебен дијалог на разбирање. На сите вас и на сите наши сограѓани од Исламската вероисповед, ви посакувам спокоен период на пост и молитва во месецов на Рамазан. Нека има спокојство, здравје, среќа и бериќет во секое семејство – истакна премиерот Димитар Ковачевски