Поранешниот американски претседател Доналд Трамп вчера се приклучи на сопствената социјална мрежа „ Труф соушл“ (Truth Social).
„Се вратив!“ објави Трамп на „социјалната мрежа за вистина“ со фотографија пред неговиот имот Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида.
Трамп во понеделникот изјави за Фокс њуз дека нема да се врати на Твитер и покрај тоа што Илон Маск ја купи компанијата. Трамп рече дека наместо тоа ќе ја користи сопствената социјална мрежа како единствена платформа за својот глас, пренесува Фокс њуз.
– Не одам на Твитер – изјави Трамп за Фокс њуз.
Социјалната мрежа на Трамп официјално беше пуштена во употреба минатиот месец.
Во последните недели од неговиот мандат како претседател на САД, Трамп имаше блокирани профили на Твитер, Фејсбук и на Инстаграм. Ова се случи набргу откако неговите приврзаници упаднаа во Конгресот на 6 јануари 2021 година и се обидоа да го спречат одобрувањето на резултатите од минатогодишните претседателски избори.