Фото: Маја Јаневска-Илиева

Првите економски промотори на земјата беа испратени во 2008 година, а до 2017 година земјата имаше вкупно 33 такви промотори, распределени низ целиот свет. Подоцна, Зоран Заев се одлучи на поинаков начин на промоција на земјата, преку избор на економски советници. Ревитализацијата на економската дипломатија преку економски советници ја презентира министерот за надворешни работи Османи. Има ли новитети и колку ефекти се очекуваат?

Со засилена економска дипломатија до странски инвеститори

Со организирање економско-дипломатски карван, македонското министерство за надворешни работи ќе се обиде активно да придонесе за подобрување на инвестициската слика во земјата. Во согласност со својата ориентација за обезбедување економски напредок на земјата, актуелната влада како свој приоритет постави натамошен развој и засилена улога на економската дипломатија.

Неодамна МНР, во организација со Бирото за регионален развој, го реализира првото патување со претставници од странската мисија во земјата, кои учествуваа во економско-дипломатски карван во Југозападниот Плански Регион. Целта е да се презентираат и промовираат економските потенцијали на домашните фирми и да се запознаат претставниците на дипломатскиот кор во државава со инвестициските можности во општините Кичево, Охрид и Струга.
Засилувањето на економската дипломатија во привлекувањето на странските компании да отвораат свои производствени капацитети во технолошко-индустриските зони беше дел од економските програми на владите што беа предводени од Никола Груевски, кој беше и иницијатор за отворањето на слободните економски зони во земјата. Во неговиот период на владеење беа избрани економски промотори во поголемите економски центри во светот, со намера да привлечат поголем број компании да инвестираат во Македонија. Првите економски промотори на земјата беа испратени во 2008 година, а до 2017 година земјата имаше вкупно 33 такви промотори, распределени низ целиот свет. Подоцна, Зоран Заев се одлучи на поинаков начин на промоција на земјата, преку избор на економски советници. Ревитализацијата на економската дипломатија преку економски советници ја презентира министерот за надворешни работи Османи. За тоа беше изработен и акциски план одобрен од Владата. Првите дипломати што требаше да бидат испратени беа триесетина лица како економски советници во Америка, Германија и во Турција преку Дирекцијата за слободни зони.
Ванчо Узунов, професор на Економскиот факултет во Скопје, вели дека привлекувањето на странските инвестиции е комплексно прашање за секоја земја и не може тоа да се сведе само на еден чинител.

– Економските советници што се ангажираат за привлекување на странските инвестиции може да придонесат за повеќе контакти со потенцијалните инвеститори. Меѓутоа, успешноста или неуспешноста за зголемување на странските инвестиции не може да му се препише само на еден фактор. Дали некоја компанија ќе се одлучи да инвестира зависи и од повеќе други услови, како на пример фискалните олеснувања, општиот деловен амбиент во некоја земја или во регионот итн. Ние може да очекуваме и повеќе инвестиции, но треба да се видат состојбите што се моментално во светската економија и дали тие се поволни за компаниите во преземање нови деловни потези – вели професорот Узунов.
Директорот на Дирекцијата за технолошките и индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, вели дека секоја иницијатива за подобра промоција на инвестициските можности на Македонија е добредојдена.
– Од организирањето на дипломатските карвани низ сите плански региони можеме да имаме само корист. Секако, потребно е да помине време овие информации да бидат пренесени преку дипломатски канали до потенцијалните инвеститори. Истото тоа се однесува и за економските советници што беа испратени во неколку држави. Засега до нас нема пристигнато информација за тоа дека некој сака да почне со свој капацитет во нашите зони. Можеби за тоа имаат информации во Агенцијата за странски инвестиции. И ние, како дирекција за економски зони, правиме сопствени контакти со странски компании и за тоа ги користиме сите комуникации што ни се на располагање. Во наредните денови ќе имаме промоција во реномираниот бизнис-магазин „Економист“. Нашата намера е да одиме на целна група на компании. Прво се насочивме кон западноевропските земји, но ги разгледуваме и опциите да се претставиме и пред потенцијалните инвеститори од азиското бизнис-подрачје – ни изјави Деспотовски.

Заменик-министерот од Министерството за надворешни работи, Фатмире Исаки, вели дека во соработка со Бирото за регионален развој ќе бидат организирани дипломатски економски карвани и во преостанатите седум плански региони.
Владата на Македонија, во согласност со својата ориентација за обезбедување економски напредок на земјата, како свој приоритет постави натамошен развој и засилена улога на економската дипломатија како една од приоритетните активности. Во јуни лани беа потпишани меморандумите со министерствата за економија и за земјоделство за испраќање на првите економски советници во Женева, со надлежност за Светската трговска организација, потоа во Брисел, со надлежност за земјите на БЕНЕЛУКС, како и во Генералниот конзулат во Чикаго, со надлежност за регионот на таканаречените езерски сојузни држави (Илиноис, Мичиген, Висконсин, Индијана, Охајо и Минесота). Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде испратен економски советник во Амбасадата во Рим, со посебна надлежност за организацијата за храна и земјоделство – ФАО, но наедно и со надлежност врз територијата на Италија. Првата група економски советници беа избрани за Варшава, Минхен, Анкара и Абу Даби, а ќе биде испратен и еден економски советник во Софија.
Министерството за надворешни работи е фокусирано на реализација на конкретни иницијативи, вклучувајќи и натамошно засилување на имиџот на Македонија во странство и промовирање на економските интереси за унапредување на економската соработка со други држави и привлекување странски инвестиции, преку зајакнување на позицијата на земјата како доверлив бизнис-партнер и дестинација, преку активности за поттикнување на извозот на македонски производи, преку програми за промовирање на Македонија како атрактивна туристичка дестинација, за зголемување на бројот на туристите што ја посетуваат земјата, и преку инфраструктурно и енергетско поврзување на земјата на регионално и глобално ниво.

Според податоците на Народната банка на Македонија, во текот на четвртиот квартал од 2021 година, вкупните директни инвестиции во земјата бележат нето-приливи од 197,1 милиони евра, како резултат на зголемени инвестиции во меѓукомпанискиот долг (од 225,3 милиони евра) и сопственичкиот капитал (59,4 милиони евра), при намалена реинвестирана добивка (87,6 милиона евра).
Во 2021 година, вкупните директни инвестиции во земјата изнесуваат 512 милиона евра, како резултат на нето-приливи кај сите компоненти: меѓукомпаниски долг (за 201,5 милион евра), сопственичкиот капитал (172,9 милиони евра) и реинвестираната добивка (137,6 милиони евра). М.Ј.