Манчестер сити го совлада Реал Мадрид со 4-3 на домашен терен во првиот полуфинален меч од фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), на кој беше израмнет рекордот за најефикасен дуел во оваа фаза на престижното натпреварување.
Во претходните полуфинални мечеви од ЛШ со по седум погодоци Ајакс го совлада Баерн со 5-2 во 1995 година и Ливерпул беше подобар од Рома со истиот резултат во 2018 година.
Манчестер сити во три наврата имаше предност од по два гола (2-0 во 11-та, 3-1 во 53-та и 4-2 во 74-та минута), но Реал успеа да намали. Стрелци за домаќинот беа Кевин де Брујне, Габриел Жезус, Фил Фоден и Бернардо Силва, додека Карим Бензема погоди двапати за гостите, а Винисиус Жуниор еднаш.
Реваншот во Мадрид се игра идната среда. Ливерпул го пречекува Вилјареал утре во вториот полуфинален дуел.