Завршува втората работна недела од штрајкот на вработените во училиштата и градинките, а решение за нивните барања се уште не е на повидок откако Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) ги отфрли заклучоците на Владата од пред два дена. Од Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика побараа СОНК уште еднаш да ја преиспита одлуката, да го стават штрајкот во мирување и да ги интензивираат преговорите и наместо личните во преден план да ги стават интересите на децата и учениците за пристап до образование.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков, вчера, по седницата на Советот, на која беа анализирани заклучоците од завчерашната седница на Владата, најави дека штрајкот ќе продолжи сѐ додека не се постигнат договори со МОН и МТСП и додека не биде потпишана спогодба со која ќе бидат опфатени сите спорни прашања. Тој повика на интензивирање на преговорите со конструктивни предлози и час поскоро, како што рече, да се усогласат ставовите.
-Советот на СОНК констатира дека заклучоците на Владата не водат кон решавање на несогласувањата помеѓу СОНК, МОН и МТСП односно со Владата. Овој став се темели врз огромниот број дискусии на членовите на Советот, каде што без исклучок се констатира дека со заклучоците на Владата се врши силен притисок врз штрајкувачите… Понудените 10 проценти зголемување на платите во градинките, основното и средното образование по ребалансот на буџетот се „бетонираат“ со заклучокот на Владата и не се остава дополнителен простор за преговори по ова прашање, знаејќи дека членовите на СОНК со скоро 100-процентно изјаснување пред само неколку дена го отфрлија овој предлог. Овој процент на зголемување е дури и помал од предлогот на еден од синдикатите кој предлага, и веројатно ќе успее во тоа без ниту еден ден штрајк, да добие повисока понуда, односно 2.800 денари линеарно-истакна Неделков на прес-конференција.
Во однос на барањето на Владата, СОНК да одговори врз основа на кој правен акт е прекината наставата во основните и средните училишта, Неделков рече дека се спори правото на штрајк од аспект на запазување на закон и процедура и информираше дека Советот на СОНК на 29 март 2022 донел одлука за организирање генерален штрајк, која е доставена до МОН и МТСП на 4 април 2022 врз основа на барањата за усогласување на платите со минималната плата доставени до МОН и МТСП од 3 март 2022 година. Известувања до градоначалниците и директорите на установите, рече тој, се доставени на 31 март 2022.
-СОНК не чувствува одговорност врз основа на кој акт е прекинат воспитно-образовниот процес во училиштата и градинките од причина што нема таква надлежност и одговорот треба да се побара на друго место. Тоа значи дека СОНК не ја организира наставата и воспитно-образовниот процес-додаде Неделков.
Советот на СОНК констатирал и дека „одредени министри се обидуваат упорно да ги заплашуваат штрајкувачите дека ќе им бидат скратени дневниците во деновите на штрајк“ и тоа го смета за обид за спречување на штрајкот.
-Освен законското право на исплата на плата при штрајк, постојат и членови во колективните договори со кои се допрецизира исплаќањето дневници за време на штрајк и во кои се вели дека работодавачот е должен да исплати надомест на плата за работниците за време на штрајк кои учествувале во штрајкот во висина од основната плата на работникот доколку синдикатот организирал штрајк заради кршење на правата на работниците утврдени со закон, колективен договор или акт на работодавачот. Според тоа, не треба да се заплашуваат штрајкувачите дека ќе им бидат скратени дневници за деновите во штрајк-истакна Неделков.
Во врска со заклучокот на Владата за формирање работна група од министри за изготвување колективен договор кои со репрезентативниот синдикат ќе преговарата за правата на работниците во јавниот сектор, Неделков рече дека ги наведува на заклучок оти се работи за општ колективен договор во јавниот сектор, што не било барање на СОНК односно, како што рече, произлегува дека „колективните договори за детска заштита, основно и средно образование ќе почекаат“.
-Советот на СОНК веднаш ќе го прекине штрајкот доколку Владата ги почитува законите, и тоа го бара Советот на СОНК – до септември односно до изминување на шест месеци од носење на минималната плата, таа да се усогласи со гранските колективни договори, како што е, впрочем, предвидено во Законот за минимална плата. За волја на вистината, до денешен ден ниту еднаш не е испочитуван овој закон-рече претседателот на СОНК.
Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска порача дека на вработените во образованието и детските градинки кои штрајкуваат државата ќе им исплати само придонеси. Таа нагласи дека тоа не значи притисок кон нив да го прекинат штрајкот, туку само почитување на законите и Колективниот договор.
-Не се работи за притисок, ниту за каква било уцена, туку за почитување на законите и Колективниот договор. Во Колективниот договор за детска заштита за градинките кои се во надлежност на МТСП, убаво е дефинирано што треба да се прави во случај на штрајк и што е должен да направи работодавачот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи каде се вели дека во услови на штрајк работодавачот е должен да исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите. Следниот член – 241 дава можност СОНК да обезбеди исплата на нето плата за сите оние работници кои штрајкуваат. Затоа сметам дека се работи само за почитување на законите, а не за какви било притисоци или уцени од страна на МТСП врз вработените во градинките кои штрајкуваат-рече Тренчевска.
Таа нагласува дека доколку како министер не постапи согласно со тоа што е предвидено во законите, може да сноси и кривична одговорност.
Според неа, Владата во текот на дијалогот го понудила решението кое е најсоодветно во однос на буџетот со кој располага државата. Со друго зголемување, нагласи таа, може да се предизвикаат несакани инфлаторни проблеми во државата. Затоа, рече, е побарано и ресорните министерства за труд и социјална политика, за образование и наука, и за финансии, со ребаланост да обезбедат средства за покачување од 10 проценти на платите за вработените во образованието и детската заштита.
Побара СОНК да ја преиспита одлуката и неговите претставници и членството да седнат да разговараат за конкретниот предлог, и да го прифатат, со цел, како што рече, штрајкот да прекине и учениците да се вратат во училиштата и во градинките.
Тренчевска нагласи дека за натамошно зголемување на платите е отворен и нов процес за подготовка за нов општ колективен договор во јавниот сектор во кој ќе се вклучува нова методологија која ќе овозможи постојан раст на платите во овој сектор, преку опција на годишно ниво да се усогласуваат со пораст на трошоци на живот и раст на просечната плата.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера пред прес-конференцијата на СОНК, исто така, изрази очекување дека на состанок на членството и раководството на синдикатот ќе биде прифатен заклучокот на Владата – со ребалансот на Буџетот да се обезбедат пари за зголемување на платите на вработените во образованието и градинките за 10 проценти и дека штрајкот ќе биде прекинат, а социјалниот дијалог ќе продолжи за другите барања на Синдикатот.
Апелираше до наставниците да го продолжат образовниот процес, потсетувајќи на влијанието што врз наставата го имаше ковид-19 и затоа што претстојат рокови, како уписите и полагањето матура. Побара и разбирање зашто, рече, се наоѓаме во една од најголемите кризи кои влијаат на државниот буџет.
По одлуката на Советот на СОНК да не ги прифати заклучоците од вчерашната седница на Владата, од МТСП вчера преку соопштение оценија дека со одлуката за продолжување на штрајкот СОНК повторно ги става личните интереси пред интересите на децата и учениците. Затворените градинки и училишта не носат ништо добро за учениците и децата, ниту за родителите кои не можат да ги згрижат своите деца во градинките-стои во соопштението.
Со соопштение по одлуката на Советот на СОНК, синоќа се огласи и МОН со став дека секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ги надомести. Министерстевото за образование и наука ја поздрави иницијативата од Советот на СОНК за интензивирање на преговорите за зголемувањето на платите на наставниците но не и одлуката да се продолжи со штрајк. Според МОН, неодговорно е да се инсистира на продолжување со прекинот на наставата, во услови кога на наставниците им е понудено решение за раст на платите.
Воедно потсетуваат дека претходно, низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците од 21 процент. Со ова зголемување, платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874.
-Наставници, ставете го интересот на децата пред својот личен интерес. Местото на учениците е во училиште. Правото на образование на секое дете е уставно загрантирано право-апелираа од Министерството за образование и наука.
Со реакција се јавија и од Сојузот на средношколци кои го повторија апелот за брзо решавање на прашањето меѓу Владата и СОНК преку интензивирање на преговорите за претстојниот период. Бараат и Сојузот да биде вклучен во наоѓањето на решенија за надоместување на пропуштениот материјал.