Министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски денеска соопштија дека снабдувањето со сончоглед е стабилно и дека државата во континуитет увезува сурово масло, потребно за домашните каацитети, но има и масло за јадење за потрошувачка.
Како што истакнаа Бектеши и Николовски по посетата на фабриката „Кристал“ во Велес, владините мерки даваат резултати.
– Почна увозот на рафинирано масло од соседите, но се увезува и од други држави со оглед дека ја укинавме царинската стапка од 29 отсто – истакна Бектеши.
Се работи, секако, нагласи, и на дополнителни мерки за поголемо производство на сончоглед.
– Ја следиме ситуацијата на дневна основа и заеднички со МЗШВ ги носиме одлуките, подвлече министерот за економија.
Според министерот Николовски, и очекувањата на менаџменот на „Кристал“ се дека годинава двојно ќе се зголемат површините под сочоглед, а со тоа и количините на суровина за масло за јадење.
Тој повтори дека Владата вчера распиша оглас за доделување 5.722 хектара за одгледување стратешки култури, меѓу кои и сончогледот.