Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со зголемената можност за „пренесување и прелевање на украинската криза на овие простори“ се идентификува моментот за „раздвижување на бриселската дипломатија во насока на повлекување на бугарското вето кон Македонија“ (и Албанија), кое беше наметнато исклучиво поради остварување на националните интереси во Бугарија. Но Софија, исто така, подолго време сака да ја прикаже Македонија како генератор на безбедносни проблеми внатре, а и надвор во регионот и како „безбедносен проблем и жариште“. Колку Брисел ги прифаќа ваквите ставови на Софија и дали конечно некои членки на ЕУ јавно ќе ги разобличат криминалните бугарски политики кон Македонија и газењето на принципите на меѓународното право?

Паѓа ли интензитетот на ЕУ-поддршката за Бугарија во врска со блокирањето на Македонија

Изминатите денови високи меѓународни дипломатски претставници јавно испратија силни и недвосмислени пораки до Бугарија дека не е во ред да продолжи и понатаму да го блокира процесот на проширување кон земјите од Западен Балкан. Во новата фрагилна констелација на безбедносната состојба во поширокиот европски регион и кризата со Украина, претставниците на меѓународната заедница сѐ повеќе ги истакнуваат аргументите дека Балканот е изложен на мноштво безбедносни ризици. За последниве, некои од претставниците на меѓународната заедница тврдат дека токму безбедносните ризици имаат потенцијал да се претворат во т.н. жаришта, кои можат да се „разгорат“ како последица од руско-украинскиот воен судир.

Раздвижување на бриселската дипломатија

Со зголемената можност за „пренесување и прелевање на украинската криза на овие простори“ се идентификува и моментот за „раздвижување на бриселската дипломатија во насока на повлекување на бугарското вето кон Македонија“ (и Албанија), кое беше наметнато исклучиво поради остварување на националните интереси во Бугарија. Таа како земја-членка на ЕУ се обиде да ги постави билатералните прашaња со Македонија како единствен критериум за почнување на пристапните преговори. Но Софија, исто така, подолго време сака да ја прикаже Македонија како генератор на безбедносни проблеми внатре, а и надвор во регионот и како безбедносен проблем и жариште. Затоа, бугарскиот претседател Радев постојано ја става Македонија на дневниот ред на бугарскиот највисок Совет за безбедност. И последната провокација во Битола, во врска со јавната промоција на ванчомихајловизмот, поддржана од највисокиот владин врв од Софија, безбедносните аналитичари од свој аспект го проценија дека тоа беше само една од тешките провокации и замки во кои требаше да падне Македонија.
Имено, по ваквото смислено бугарско фингирање, според мислењето на соговорници од областа на безбедноста, сценариото предвидувало тежок безбедносен инцидент, со „пошироко нарушување на јавниот ред и мир во градот на конзулите“. Во инцидентот не само што би дошло до пресметка меѓу граѓаните симпатизери на фашистот Михајлов и, се разбира, испровоцираните патриоти и антифашисти туку би се вмешала и полицијата, по што таквиот настан од спин-мајсторите од Бугарија би се прикажал како „институционална репресија над граѓаните што се чувствуваат како Бугари во Македонија“. Истата квазитеза би била спинувана дополнително со одредени аргументи дека „се совпаѓа во целост со состојбите од безбедносен аспект во Македонија, дека политичко- безбедносната ситуација во Македонија е фрагилна“ и дека токму нашата држава би можела да биде „извозник на безбедносна нестабилност“ во регионот, а и во Унијата. А сѐ погоре кажано, всушност, е и став на бугарскиот претседaтел Радев.

Третирањето на безбедносните прашања од страна на Брисел и од страна на Софија е дијаметрално различно

Според експертите со кои се консултиравме, има голема разлика во пристапот кон безбедносните теми за Југоисточен Балкан, третирани од Софија од една страна, и од меѓународната заедница, од друга страна. Имено, Софија сака да ја прикаже нашата држава како безбедносно проблематична со потенцијал за извоз на безбедносна криза во регионот.
Меѓународната заедница, пак, и некои погласни поединци од САД и од Германија, па и лидери на различни аналитички центри сметаат дека безбедносна криза може да се прелее од Украина во регионот на Балканот, односно да биде увезена на овие простори, по различни основи. Затоа, за да се превенира таа закана, тие предлагаат забрзување на интегративниот процес за Македонија и за Албанија, а заради кохезија со европските стандарди и текови.
Наспроти ова, Софија тврди дека со интегрирањето на Македонија во ЕУ, токму Унијата ќе добие безбедносен проблем во Македонија и таа теза се обидува да ја дистрибуира што пошироко.
Меѓутоа, очигледни се различниот пристап и толкување на безбедносните прашања и предизвици од страна на Софија и на ЕУ. Првиот, очигледно тенденциозен и злонамерен, а вториот, на поединци од САД и од Унијата, кои бараат начин Македонија и Албанија што побрзо да се интегрираат во ЕУ, во името на мирот и стабилноста.

САД одамна предупредуваат, Европа калкулира дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка

Уште од поставувањето на бугарската рампа, од високи политички кругови во Брисел и во Вашингтон ја предупредуваа Софија дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за Македонија. Така, со низа пораки за поддршка на европскиот пат на Западен Балкан се заложи американската администрација.
ЕУ во врска со ова подолго време калкулира и нема единствен став. Но како што е познато, на пример, и германската амбасадорка Анке Холштајн, која ја пренесуваше позицијата на Германија, изјави дека „од суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот на проширување на Унијата со земјите од регионот на Западен Балкан“. Во сегашната ситуација, стабилноста и европската перспектива на Западен Балкан за Германија имаат највисок стратегиски приоритет, истакна дополнително министерката за надворешни работи Аналена Бербок.
Надежите дека итноста и сериозноста на кризата ќе ја натераат ЕУ да ги пренебрегне реформите и критериумите, па со политичка одлука да интервенира во динамиката на процесот на приближување на балканските земји кон ЕУ, не се оправдани, изјави политичкиот аналитичар Петар Арсовски, во своите претходни анализи, осврнувајќи се на влијанието на настаните во Украина врз односот на ЕУ кон регионот.
– Содржината и контурите на решението не се толку проблематични, колку искреноста во пристапот. Имено, досега и ние, но уште повеќе, неколку членки на ЕУ инсистираа дека билатералниот процес не може да стане составен дел на преговарачката рамка, зашто ќе ги окупира преговорите и ќе воведе непристоен преседан за идните проширувања – смета Арсовски.
Суштинскиот проблем во изнаоѓањето „решение“ од бугарската блокада е постоењето политичка волја, пред сѐ, на бугарската страна. Според аналитичарите, колку ќе бидеме поблиску до пакет решение што ќе нѐ „одглави“ на патот кон ЕУ, така притисокот за договор (за наши отстапки) и провокациите кон нас ќе се зголемуваат. Во таа функција беше и последната провокација во Македонија, а како што тврдат соговорниците, ќе се редат и други, но и ние и Брисел треба да ставиме точка на тоа, и тоа низ утврдени процедури, меѓународноправни правила и принципи, бидејќи тоа е единствен пат за да се покаже дека силата на аргументите е посилна од аргументите на силата и хегемонијата со кои се служи Софија. М.Ј.