В четврток на програмата на Филхармонија е концертот насловен „Волшебната хорна“, на кој како солист ќе настапи Марк Грубер на хорна од Германија. Диригент е Конрад ван Алфен (Холандија), а на програмата се Концертот за хорна и оркестар бр.1 од Рихард Штраус и Симфонијата бр.5 од Антонин Дворжак.
Во 1883 година Рихард Штраус го напишал својот Концерт за хорна и оркестар бр. 1, во две верзии, една со пијано придружба, другата со оркестарот. Овој концерт е еден од најчесто изведуваните концерти на светските сцени, не само денеска, туку и во 19 век кога бил напишан. Премиерата на концертот со пијано придружба бил во 1883 година во Минхен, а премиерата со оркестар во 1885 година во Мејнинген. Концертот има три става, а музиката е напишана во типичен стил за романтизмот, и се чувствуваат влијанија од музиката на Феликс Менделсон. Концертот остава впечаток дека има два става, бидејќи првите два става се свират без пауза. Иако концертите во тоа време типично се пишувале со оркестарско претставување на темата, Штраус во ова дело имал обратен пристап – по еден силен акорд во оркестарот, солистот веднаш ја започнува темата со херојски призвук која се базира на разложени тонови. Концертот е исполнет со драма и херојска симболика во третманот на музичкиот материјал, започнува во тој стил и се враќа во третиот став заокружувајќи ја атмосферата на високо профилирана драматичност која циркулира од почетокот до крајот на ова дело.
Симфонијата број 5, Антонин Дврожак ја напишал за помалку од шест недели, и таа претставува камен темелник во дефинирањето и развојот на индивидувалниот стил на овој чешки композитор. Таа претставува кулминација на неговиот ран творечки период, и во неа може да се согледа еволуцијата на неговиот музички идиом. Таа претставува прилично зрело дело и во неа Дворжак демонстрира исклучителен скок во својата музичка креативност, создавајќи класична симфонија чии темели се поставени врз придобивките на класицизмот, но во исто време кокетирајќи со модерниот звук на романтизмот.
Роден на 24 мај, 1993 година Марк Грубер уште од рана возраст го покажува својот интерес кон хорната. Од 2009 до 2012 година студира хорна кај професорот Јоаким Плтл, на универзитетот „Роберт Шуман“ во Дизелдорф, Германија. Од 2012 година студира кај професорот Пол ван Зелм на Универзитетот во Келн.
Грубер учествувал на многу мастер класови со реномирни хорнисти како Херман Бауман, Ерих Пензел, Кристијан Ламперт и Фројдис Ри Векре. Во летото 2011 година е првиот лимен дувач кој ја добива наградата „Дебут ум елф“. Настапува како солист со најдобрите младински оркестри во Германија со кои свири и како главен хорнист. Во 2013 година станувава член на Еврпскиот младински оркестар и на Оркестарот „Бетовен“ од Бон. Од 2016 година е главен хорнист во Симфонискиот радио оркестар на Франкфурт.
Како солист настапувал во многу светски оркестри во Европа и во Азија. Освен настапите како солист, Грубер е активен и како камерен музичар во квартетот „Моне“. Како гостин настапувал и со ансамблот „Линос“, „Консортиум Класикум“, квартетот „Шуман“ и гудачкиот квартет „Манхајмер“. Грубер е добитник на наградата „Брудер-Буш“ и награда од публиката на интернационалниот музички натпревар во Минхен во 2016 година.
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.