Животни

Луѓето што не можат да се справат со загубата на своите домашни миленици сѐ повеќе прибегнуваат кон неконвенционално и скапо решение, односно кон клонирање на миленикот, кое чини околу 50.000 долари.
Компанијата „Виаген петс“ од Тексас е првата американска компанија што нуди комерцијално клонирање кучиња и мачки, а нивните услуги се прошируваат и во Европа. Иако оваа практика на прва помисла звучи бизарно, таа им помага на сопствениците на починатите домашни миленици да ја надминат тагата поради загубата. Компаниите како споменатата нудат зачувување на животинско ткиво и клетки со цел клонирање кучиња, мачки и коњи.
– Ние ја нудиме водечката светска услуга за генетско зачувување, во соработка со водечка компанија за клонирање домашни миленици – се вели на интернет-страницата на компанијата.

Лабораторија во Велика Британија тврди дека еднаш зачуваните примероци од вашето домашно милениче можат безбедно да се користат за да се заврши процесот на клонирање на миленикот.
Првото британско клонирано куче е родено во 2014 година, а генетичарите го опишаа процесот како „смешно фрлање пари“. „Виаген петс“ наплаќа 50.000 долари за клонирање куче, 30.000 долари за мачка и 85.000 долари за коњ.