НАСА со телескопот „Хабл“ забележа комета, чие јадро е 50 пати поголемо од вообичаената големина. Забележана е како се движи покрај Земјата со брзина од 35.400 километри на час. Масата на јадрото е 500 трилиони тони, а широка е 137 километри. Најблиску до Сонцето ќе биде во 2031 година, а растојанието ќе биде 1,6 милијарда километри. Во моментов е на нешто помалку од 3,2 милијарди километри од Сонцето.

Оваа комета, всушност, беше забележана за првпат во 2010 година, но сега, благодарение на вселенскиот телескоп „Хабл“, се знае многу повеќе за неа. Тоа е најголемата комета досега.
Професорот од Универзитетот во Калифорнија, Дејвид Џевит, изјави дека од почетокот се претпоставувало дека станува збор за екстремно голема комета и дека тоа сега е потврдено.

НАСА објави дека кометата ја идентификувале астрономите Педро Бернардинели и Гери Бернштајн. Опишана е како ледена лего-коцка, остаток од времето кога биле формирани планетите, пренесува „Би-би-си“.