Случаите со нелиценциран автобуски превозник, чиј автобус имаше несреќа во соседна Бугарија во која загинаа 45 луѓе, со нелиценцирана ординација во Струга, каде што родилка остана без дел од своите органи, со нелиценцирана модуларна болница во Тетово, во која изгореа 14 луѓе, како и најновиот случај со трагичната смрт на хрватски ракометар пред ноќен клуб во Скопје, кој исто така функционирал без лиценца, само говорат дека државата системски потфрла во делот на контролата или, пак, што би било уште потрагично, намерно замижува пред неправилностите кога ги прават луѓе што по некоја основа, најчесто политичка, уживаат институционална заштита
Институциите никако да профункционираат онака како што му доликува на кандидат за ЕУ
Дали 30 години државност навистина не беа доволни Македонија да изгради независни и функционални институции што ќе се грижат во државата да владеат ред и почитување на законите? Одговорот е очигледен, како што сè поочигледна станува реалната граѓанска перцепција за институционалната какофонија, па и дисфункција во која од ден на ден запаѓа системот.
Случаите со нелиценциран автобуски превозник, чиј автобус имаше несреќа во соседна Бугарија во која загинаа 45 луѓе, со нелиценцирана ординација во Струга, каде што родилка остана без дел од своите органи, со нелиценцирана модуларна болница во Тетово, во која изгореа 14 луѓе, како и најновиот случај со трагичната смрт на хрватски ракометар пред ноќен клуб во Скопје, кој исто така функционирал без лиценца, само говорат дека државата системски потфрла во делот на контролата или, пак, што би било уште подраматично, намерно замижува пред неправилностите што ги прават луѓе што по некоја основа, најчесто политичка, уживаат институционална заштита.
Недозволиви се примерите на селективност при санкционирање на престапите на граѓаните, било тоа да се од најситни прекршоци, па сѐ до кривични дела. Институционални двојни стандарди не смеат да постојат, на пример, „додека обичните граѓани секојдневно се соочуваат со казни од институциите дури и за најситен прекршок, истовремено истите тие институции толерираат крупни неправилности“.
Нефункционални институции создаваат недоверба кај граѓаните
Токму од тие причини довербата на граѓаните во институциите е речиси целосно еродирана, а сето тоа резултира со голема разочараност, што придонесува сè повеќе македонски граѓани да ја напуштаат својата земја и да се иселуваат во странство.
Примерите од Европа покажуваат дека институциите мора да функционираат во најмала рака беспрекорно, а постојаните неселективни контроли се основниот механизам за спречување на секаква злоупотреба. Кога станува збор за вршење на каква било дејност, европска практика е поседувањето лиценца, од градежништво, до образование, медицина, наука и слично.
– Работам во Германија веќе десет години. Германците не ти дозволуваат сам да си го варосаш својот дом дури и да си вешт во таа работа, туку мораш да ангажираш лиценциран молер. Кај нив лиценцата за работа е неприкосновен документ, едноставно не може да се случи некој да работи без лиценца, веднаш реагираат институциите. Јас многу години работам како плочкар и каде и да сум бил, прво ми бараат лиценца за работа, па дури потоа ме ангажираат. Кај нас никој ништо не ти бара, секој гледа само поевтино да помине – вели Срѓан Стојчевски, занаетчија.
Познавачите на состојбите сметаат дека трагичните настани што ни се случуваат покажуваат дека институциите се целосно заробени и не функционираат.
– Тоа е дел од нашето секојдневие. Ние имаме заробени институции. Ако кој било сопственик на ноќен клуб, дискотека, на автобуска компанија, на ординации, работи без соодветна лиценца, тоа е потврда за заробени институции што работат во полза на партиските врхушки – вели Борче Давитковски, универзитетски професор.
Институциите полни со некомпетентни и нестручни лица
Според професорот Давитковски, причините треба да се бараат во партизираните институции, кои на овој начин работат речиси 30 години.
– Има кафеани, дискотеки, компании и други сегменти каде што инспекциите со години не смеат да влезат. Едноставно не функционираат институциите, наполнети се со партиски војници, кои во најголем дел се некомпетентни и нестручни. Па замислете, како може автобус над 100 пати да излезе од државата без лиценца, а тоа да не го откријат ниту инспекцијата, ниту, пак, царината? Или, како може сопственик на автобуска компанија техничката исправност на автобусите да ја контролира во своја станица за технички преглед? Или последниот случај со ракометарот, како може дискотека среде Скопје три години да работи без лиценца? Се добива впечаток како овие луѓе да се едноставно недопирливи, додека обичен граѓанин едно балконче да догради, веднаш ќе дојдат да го глобат – констатира Давитковски.
Тој додава дека главниот проблем е што институциите работат во полза на власта, а не во полза на граѓаните и затоа и натаму ќе има компании без лиценци што никој нема да ги контролира.
– Институциите кога работат во полза на власта, а не во интерес на остварување на правата на граѓаните, како што е секаде во светот, тогаш ќе ни се случуваат ваквите работи. Јавната администрација треба да биде сервис на граѓаните, а не на власта. Кај нас тие се сервис на власта, од нив зависат и затоа некомпетентни и нестручни луѓе работат во повеќето институции. Голем дел се и со договор на дело, нив никој не ги контролира. Тоа е реалноста во Македонија и затоа ни се случуваат вакви работи, а ќе биде и уште полошо. Сè додека Владата е најголем вработувач во јавниот сектор, ќе биде вака бидејќи тие луѓе немаат никаква одговорност – истакнува Давитковски.