Техно

Компанијата „Шаоми“ веќе претстави три парчиња од најновата серија паметни телефони, а сега пристигнува четвртиот подостапен модел. Досега од „Шаоми“ пристигнаа моделите „шаоми 12“, „12 про“ и „12 екс“, но фамилијата ќе расте. Додека се очекува „шаоми 12 ултра“, се чини дека ќе биде претекнат од „шаоми 12 лајт“. Како што сугерира неговото име, овој уред ќе биде наследник на минатогодишните модели „ми 11 лајт 5Г“ и „ми 11 лајт 5Г НЕ“, но не треба да се очекува многу подобрување.
Претходно беа најавени дизајн како на „шаоми 12“ и заоблен екран, кои ги немаа моделите од 2021 година. Дополнително, неговиот 6,65 ФХД + амолед-екран ќе има стапка на освежување од 120 херци, што е зголемување во однос на 90 херци кај „ми 11 лајт 5Г НЕ“. Батеријата е исто така поголема, па нејзиниот капацитет сега е 4.500 милиампер-часа и поддржува брзо полнење од 67 вати, додека претходните модели имаа батерија од 4.250 милиампер-часа, со поддршка за полнење од 33 вати.
„Шаоми 12 лајт“ во суштина е „шаоми 11 лајт 5Г НЕ“, со истиот процесор Снепдрагон 778Г, 6 или 8 гигабајти РАМ, 128 или 256 гигабајти внатрешна меморија, главна камера од 64 мегапиксели со оптичка стабилизација на сликата, ултраширока камера од 8 и макрокамера од 5 мегапиксели.