Според најавите, во групната фаза на ЛШ од сезоната 2024/2025, наместо 32, ќе играат 36 екипи, во една голема лига, т.н. „швајцарски систем“
ФУДБАЛ – НАВИВАЧИТЕ ОД ПРЕМИЕР-ЛИГАТА ПРОТИВ УЕФА
Здружението на навивачи на клубови од Премиер-лигата ја обвини Европската фудбалска унија (УЕФА) дека со предлозите за реформи во Лигата на шампионите (ЛШ) сака да создаде нешто слично на Суперлигата, пишува весникот „Индепендент“.
УЕФА и нејзиниот претседател, Александер Чеферин, ги пофалија навивачите за нивната улога во спречувањето на обидите за формирање европска суперлига, лани. Но истите тие навивачи сега сметаат дека предлозите на УЕФА за зголемување на бројот на мечеви во групната фаза во ЛШ од шест на 10 од 2024 година, па натаму, и за резервирање две квалификациски места за клубови врз основа на историските европски настапи, а не на домашните постигнувања, ќе создадат „картел“ од богати клубови и ќе им наштетат на националните шампионати.
Извршниот комитет (ИК) на УЕФА на состанокот во Виена, на 10 мај, треба да донесе конечна одлука за измените во ЛШ. Од Здружението велат дека УЕФА треба да ги отфрли таквите предлози. „Со измените само ќе се зголеми јазот меѓу богатите и другите клубови, во исто време нарушувајќи ги календарите на домашните лиги. Тие очекуваат и дека навивачите ќе жртвуваат уште повеќе време и пари за да присуствуваат на бесмислените групни мечеви“.
Во групната фаза на ЛШ, наместо сегашните 32, ќе бидат 36 екипи, во една голема лига, според т.н. „швајцарски систем“, ќе се играат по 10 натпревари (сега по шест), плус ќе има и дополнителна плејоф-рунда за одредување на осум од 16-те тима за нокаут-фазата.
Чеферин минатиот месец на самитот за бизнис на фудбалот на „Фајненшл тајмс“ беше прашан за тоа дали гледа некакви сличности помеѓу реформираната ЛШ и Суперлигата.
– Тоа е сосема друга работа, ова не е Суперлига. Секако некои работи треба да доразјасниме и затоа сѐ уште не е донесена конечната одлука. Но несериозно е некој да ја споредува реформата во ЛШ со Суперлигата – појаснува Чеферин.