Реакција на СОНК на соопштението на Прогресивниот синдикат за образование при ССМ
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) соопшти дека за неговите членови е неприфатливо зголемување на платите линеарно кое, како што посочува, „како систем за вреднување и наградување на трудот не е познат во системот за плати во нашата држава и пошироко“.
-Од таа причина, остануваме на ставот дека вреднувањето на трудот и зголемувањето на платите, треба да биде во согласност со колективните договори-наведува СОНК во реакција на соопштението од Прогресивниот синдикат за образование (ПРО) при Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Синдикатот информира и дека трансформациите на работните договори од определено на неопределено работно време континуирано се прави преку општински комисии за трансформација, од 2009 година до денес.
-Од таа причина, одговорно тврдиме дека станува збор за чиста шпекулација дека имало над 4.700 договори на определено време кои не се трансформираат-стои во реакцијата на СОНК потпишана од нејзиниот претседател Јаким Неделков.
Во однос на ставот на ПРО при ССМ, кој денеска соопшти дека ќе се приклучи официјално кон штрајкот на СОНК доколку овој синдикат го поддржи нивното барање, СОНК во реакцијата одговори дека „не е етички синдикат да условува друг синдикат за давање поддршка во период на генерален штрајк“.
-Особено за СОНК е неприфатливо еден минорен синдикат за образование да го условува репрезентативниот синдикат (СОНК) со Барање за поддршка за нивните ставови, за кои впрочем СОНК веќе подолго време успешно се справува и има соодветни резултати-пишува СОНК во реакцијата.
Во неа СОНК изразува благодарност за поддршката што ја добива за штрајкот, меѓутоа, како што наведува, „нема да прифати никакви условувања од ниедна организација или поединец којшто ќе се обиде да профитира во ситуација кога има општа криза во процесот на договарање и надминување на разликите во ставовите со надлежните институции“.