Фото: Пиксабеј

Повеќе луѓе се застрелани, а пронајдени се и неактивирани експлозивни направи на метро станица во Њујорк, јавуваат американските медиуми, повикувајќи се на извори од противпожарната служба.

Инцидентот се случил утринава на метро станицата на 36-та улица во населбата Сансет Парк во Бруклин.
Сообраќајот е во прекин.

Полицијата на Њујорк на Твитер напиша дека „во моментов нема активни експлозивни направи“ на местото на инцидентот.

Претставник на Противпожарната служба на Њујорк за Си-Ен-Ен изјавил дека 13 лица се пренесени во болница после пукањето на метро-станицата во Бруклин, Њујорк.

Агенцијата ДПА, повикувајќи се на полициски извори, пренесе дека вооружен маж со гас-маска и портокалов елек каков што користат градежни работници фрлил димна бомба во возот во њујоршкиот кварт Бруклин, а потоа отворил оган врз патниците, ранувајќи пет лица. Според извори од њујоршката полиција, веднаш откако се затвориле вратите на возот, човекот со елекот фрлил неколку димни бомби во вагон и почнал да пука. Кога возот стигнал до станицата на 36-та улица, вратите се отвориле по што ранетите патници излегле од возот, некои со помош на други луѓе, и паднале на перонот.

Според полицијата, една од жртвите е во несвест и во критична состојба.

Вооружениот напаѓач бил опишан дека носел гас-маска и портокалов градежен елек, веројатно на компанијата MTA. Тој носел и градежен алат, јави ДПА.

Според Си-Ен-Ен, сите училишта во околина се под „засолниште“, што значи дека никој не смее да ја напушти зградата, а само ученици смеат да влезат, објасни портпаролот на Министерството за образование. Тој не кажа за колку училишта станува збор.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки на твитер напиша дека американскиот претседател Џо Бајден е информиран за инцидентот.