Владата денеска излезе со информација дека платите на вработените во образованието и во детската заштита во периодот од 2017 до 2022 година се зголемени за 21 процент. Наставник во основно образование, како што се наведува, зема плата од 24.786 денари, што е зголемување за 3.267 денари плус минат труд, а наставник во средно образование зема плата од 25.642 денари и таа е зголемена за 4.353 денари, плус минат труд.
– Изминатиот период од 2017 до 2022 година со воведувањето на новата методологија за пресметка беше постигнато најголемото зголемување на платите на вработените во градинките. Во 2017 година, неговател/ка во градинка земаше 14.493 денари плата. Во 2022 година, просечно исплатена плата за месец февруари на неговател/ка е 19.560 денари плус минат труд. Разликата е 5.067 денари повеќе на сметката на овие вработени, плус додатокот за минат труд. Платата на воспитувач/ка во градинка во 2017 година изнесувала 19.200 денари, додека во 2022 година, 25.642 денари плус додатокот за минат труд. Зголемувањето овде е 6.442 денари, плус минатиот труд – наведува Владата во денешното соопштение.
Од Владата го охрабруваат синдикатот да го продолжи дијалогот за изнаоѓање на трајно решение за раст на платите. Нагласуваат дека барањата треба да бидат реални и да произлегуваат од чувството кое го налага моментот.
– Растот за платите за вработените во образование и во градинките е во времето на оваа Влада и колективниот договор потпишан 2019 година во јуни. Дебатата за новиот колективен договор е шанса за трајно решавање на континуираниот раст на платите. Владата е отворена за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства. Заедно да најдеме модел за раст кој како со договорот за минималната плата ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот – порачува Владата.
Веќе втор ден трае штрајкот на вработените во образованието и детската заштита организиран од Синдикатот за образование, наука и култура. Се бара итно зголемување на платите за 18,4 проценти и изнаоѓање на системско решение за усогласување на останатите плати со минималната плата која сега изнесува 18.000 денари.